Најголемата европска фарма за вертикално одгледување на овошје отворена е оваа недела во предградието на главниот дански град Копенхаген, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за фармата која компанијата „Нордик Харвест“ ја отвори во индустриската сала во местото Таструп, што е најголем чекор на оваа компанија кога станува збор за производство на овошје и зеленчук без користење на земјиште и сончева светлина.
Основачот на компанијата, Андерс Ридман, истакна дека „Нордик Харвест“ работи на проекти кои нудат поодржлив начин на производство на храна во текот на целата година, и тоа локално, без нарушување на природата.
Тој рече дека зеленчукот ќе биде одгледуван на 14 ката, од под до кров, а планот е да има берба 15 пати годишно. Таквиот систем зазема помалку простор во однос на традиционалното одгледување, а растенијата, со помош на ЛЕД-светлата, ќе растат на површина од 7.000 квадратни метри.
Фармата ќе ја користи и енергијата добиена од обновливи извори, а ќе се остварат и заштеди на потрошувачка на вода за 95 отсто во однос на традиционалното одгледување на зеленчук.
Првобитно е планирано одгледување на зелена салата, кељ и билки, и тоа без користење пестициди. Близу илјада тони се очекуваните годишни приноси, а првите производи во маркетите би требало да се најдат кон почетокот на наредната година.
Спроведените анкети во Данска покажаа дека помалку од четвртина испитаници се спремни да консумираат производи од вертикалните градини, додека 14 испитаници таквите производи ги сметаат за опасни.
Ридман за АА рече дека пред седум години ја напуштил работата на аналитичар во финансиските институции и ја основал „Нордик Харвест“, која спроведува пионерски истражувања и проекти на земјоделско одгледување без земјиште и со помош на вештачка светлина.
„Ескперти од САД ми помогнаа да го заокружам мојот деловен план, но во текот на четирите години работев без плата и морав да подигнам хипотекарен кредит на куќата и да позајмувам пари од пријателите и семејството за да живеам со семејството“, рече Ридман.
И покрај предизвиците со кои се соочувал, Ридман бил упорен во својот план и одбил неколку големи инвеститори на кои им се допаднала неговата идеја, но нему не му се допаднало тоа што тие сакале да влезат во работата само заради остварување профит.
„Расправиите и предупредувањата за можните последици од климатските промени беа ветер во грб на идејата за земјоделско одгледување во контролирани климатски услови во кои годишно можеме да оствариме и до 15 берби, наместо две берби во традиционалното земјоделство. На овој начин можеме да оствариме 250 пати поголеми приноси од земјоделците кои тоа го работат на иста површина со традиционалното одгледување“, рече Ридман.
Моментално неговата фирма произведува шест земјоделски сорти на модерен начин на вертикално градинарство, а целта им е да одгледуваат уште 14 сорти, вклучувајќи и јагоди и боровинки.
Ридман рече дека му се остварил дел од сонот, но дека сака да го издигне тој вид на земјоделство на ниво кое е моментално во САД, Сингапур или во Јапонија, а сето тоа за земјоделството да се пресели во градовите, а постоечките земјоделски површини да се претворат во шуми.