Штип: Миахил Данев добитник на орденот „Свети Никола“ – ММС
ММС

Објавено на: 12/18/20 11:53 AM

Штип: Миахил Данев добитник на орденот „Свети Никола“

Михаил Данев е овогодишниот добитник на орденот „Свети Никола“ а наградите ги добија спортскиот работник Мирко Наџаков, професорот Кирил Барбареев и хуманистката Катица Жежова.

Добитниците денес ги соопшти, в.д градоначалникот Јане Миланов.

„Михаил Данев е општественик, политичар и стручњак. Тој е предводник на една генерација општественици од 70 и 80-тите години од минатиот век кој ја започна преродбата и модернизацијата на Штип. За време на неговиот мандат како претседател на општина Штип (1974-1982)  градот ги доби капиталните објекти, како што се зградата на Медицински центар, Домот на културата, општинската зграда, библиотеката,“ посочи во образложението Миланов.

Мирко Наџаков ја добива наградата за својата неуморна работа како спортски работник, фудбалер, педагог, кој и покрај својата богата спортска кариера е автор и на повеќе од 700 страници стручна литература за современиот фудбал, тренинг и начин на подготовка на игра.

Кирил Барбареев е редовен професор на Факултетот за образование и наука при УГД. Тој е професор кој што работи на подигнување и зајакнување на системот за образовен и професионален развој на воспитувачите и наставниците во државата.

Катица Жежова е хуманист која живее со и за мотото  „пред се’ биди човек“. Нејзината сестраност на полето на хуманоста го надминува шаблонот хуманитарец крводарител, иако до сега има дарувано крв повеќе од 80 пати. Иницијатор , мотиватор и мобилизатор на голем број хуманитарни акции ширум државава но и надвор од неа, се вели во образложението.

Доделувањето на орденот и наградите „Свети Никола“ по повод патронот на градот е воспоставено со одлука на Советот на општина Штип од 2009 година.

Орденот и наградите ќе бидат доделени утре.

„ За жал церемонијата за доделување на наградите ќе биде скромна и во услови наметнати од состојбите со пандемијата од Ковид 19, а согласно протоколите пропишани од Комисијата за заразни болести,  но тоа ниту малку не ја  намалува свеченоста  на овој чин, а уште помалку  значењето и големината на годинашниве добитници на наградите“ рече Миланов, на кој што ова ќе му биде и последна активност како градоначалник на општина Штип.