Секторот за урбанизам при Општина Делчево засилено работи за пронаоѓање потенцијални инвеститори за реконструкција на руинираното Детско игралиште на Голак. Информацијата на последниот онлајн-буџетски форум ја потврди делчевскиот градоначалник, Горан Трајковски, кој информираше дека има сериозна најава од страна на потенцијални инвеститори за изградба на хотел на Голак.
-Општина Делчево не може сама како општина да го реконструира или реновира одморалиштето. Тоа би требало да биде со Јавно приватно партнерство или со некоја фирма да го реконструира целото одморалиште и да им се даде на концесија повеќе години да стопанисуваат со него. Исто така има заинтересирани страни кои сакаат да инвестираат за изградба на хотели на Голак и секторот за урбанизам работи на поле нашата убава планина Голак да ја заживееме до одреден степен значи да има некоја инфрастурктура која би привлекувала туристи, истакна Трајковски.
Тој се осврна и на поранешните проекти за ски центар на Голак за чија изградба, како што додаде потребна е изградба на соодветни сместувачки капацитети.
-Овој проект кој предвидуваше изградба на ски центар не само на Голак, туку и во Берово и на Пониква, требаше да биде финансиран од МЕПСО, како општествена одговорност, меѓутоа до денес е останато така. Во мои разговори за да продолжи проектот и истиот да биде преотстапен, ми беше кажано дека предвидена е изградба на ски-стаза, ратрак, водени топови за вештачки снег, но без претходно изградена друга инфрастуктура, односно сместувачки капацитети, не моѓе да се започне таков ски центар од поголем обем, бидејки тоа е голема инвестиција, додаде Трајковски.
Трајковски изрази надеж дека со изградбата на хотел за кој има заинтересирани инвеститори, Голак конечно ќе успее да добие одреден капацитет, по што ќе може да се бара приватен инвеститор за изградба на ски-стази и пропратни елементи како дел од ски центар кој и тоа како му е потребен на градот за заживување на туризмот.
Валери Спасевски