Босанец на својот имот гради железничка станица во чест на својот дедо, возот веќе го има – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/20 7:09 PM

Босанец на својот имот гради железничка станица во чест на својот дедо, возот веќе го има

Младен Цвитановиќ, познат колекционер од Голубиња кај Жепче, Босна и Херцеговина, планира наскоро, во чест на својот дедо Илија, на имотот во Голубиња да изгради вистинска мала железничка станица. Пред неколку години во зеничката „Железара“ ја купи првата локомотива, популарниот Ќиро, која ја постави на својот имот, а неодамна ја комплетира првата железничка композиција со купување на три вагони, пишува сараевски „Дневни аваз“.

Покојниот дедо на Младен бил почитуван железничар и загинал работејќи на железницата. Иако не се сеќава на него, слушајќи ги родителите, роднините, соседите, се заљубил во железницата и бил горд на својот дедо.

„Ги засакав локомотивите поради мојот дедо. Во негова чест го купив популатниот Ќиро, а потоа се разви идејата да купам вагони и да оформам цела една композиција. Ја поставив на шините на имотот. Имам уште две локомотиви што не се изложени, а наскоро планирам да купам уште неколку вагони. Кога сето тоа ќе го комплетирам, ќе направам железничка станица со колосеци и со сите придружни објекти. Веќе набавив знакови, фенери, скретници, се’ што има една железничка станица“, вели за “Дневни аваз“ Цвитановиќ.

Благодарение на него, Долна Голубиња ќе добие железничка станица, но без возен ред. И она што досега го направил е атракција. За време на викенди доаѓале и младенци да ја овековечат својата венчавка фотографирајќи се со „Ќиро“.

Мледен, инаку, е и колекционер на стари автомобили. Во неговата колекција има 32 олдтајмера, сите во возна состојба, а најстариот е од 1912 година од марката „т форд“.

Фотографии:„Аваз“