Од банките информираат дека исплатата на 6000 денари не е почната, граѓаните да чекаат официјални информации и да не прават гужви – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/20 3:11 PM

Од банките информираат дека исплатата на 6000 денари не е почната, граѓаните да чекаат официјални информации и да не прават гужви

Македонската банкарска асоцијација ги информира граѓаните дека исплатата на средствата предвидени во четвртиот пакет на мерки, се уште не е започната.

„Во името на нашите членки банките, се обраќаме до јавноста и до надлежните институции со информации околу ангажманот на банките за спроведувањето на четвртиот пакет антикризни мерки кој вклучува еднократна финансиска помош од 6.000 денари за купување домашни производи, наменета за ранливи категории граѓани.Во изминатиот период банките интензивно работеа на создавање на предуслови за реализација на споменатиот проект.  Во таа насока, банките потпишаа договори со Владата и подготвени се да почнат со исплата на средствата веднаш откако ќе ги добијат и обработат податоците и ги добијат средствата, согласно листите за исплата,“ се вели во соопштението.

Во моментов, исплатата се уште не е започната, и ќе следуваат официјални најави штом сите услови се исполнети. Дотогаш, се повикуваат граѓаните – корисници на оваа мерка, поради заштита на јавното здравје, да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите на банките.

„Сакајќи да имаме уште еден успешно спроведен проект, кој овојпат има значително пократок рок за реализација, нагласуваме дека сите банки во целост ги ставаат на располагање своите филијали и вработени, притоа до одреден степен ставајќи ги во втор план активностите кои се дел од секојдневното работење“, се додава во соопштението.

Активностите се веќе интензивно започнати преку повикот до граѓаните за ажурирање на личните податоци што е законска обврска и услов за исплата на средствата па веќе се забележува поголема фрекфенција на клиенти во филијалите на банките и обраќања кон Контакт центрите.