Почеток на кампања за животна средина „Разбистри сé” – ММС
ММС

Објавено на: 12/17/20 7:57 AM

Почеток на кампања за животна средина „Разбистри сé”

Од денеска почнува кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сé”, во организација на Институтот за комуникациски студии (ИКС) на платформата Зум.

Кампањата „Разбистри сé”, која ќе трае во текот на следната година, ќе се фокусира на управувањето со водните ресурси (како да се користи и заштити водата) и на инспекцискиот надзор против прекумерното искористување на природните ресурси (минерални суровини, шуми, почва и вода).

„Разбистри сé”, како што соопштија од Институтот за комуникациски студии, има за цел да се подигне свесноста на граѓаните за овие проблеми и да се зголеми влијанието за носење или промени на јавните политики.

Кампањата се реализира како дел од проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество”, финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Како што е најавено, на денешната прес – конференција ќе биде промовирана Алијансата за застапување и лобирање, која ја сочинуваат граѓански организации, факултети и медиуми, а со чија поддршка и заеднички активности ќе се реализира кампањата.

Ќе бидат презентирани и двата документа за јавни политики „Како да ја користиме и заштитиме водата” и „Со ефективен инспекциски надзор против прекумерното искористување на природните ресурси”. Документите содржат податоци и увид во тековните проблеми со управувањето со водите и инспекцискиот надзор врз природните ресурси и нудат конкретни решенија.

Во соопштението од Институтот за комуникациски студии стои дека на прес конференцијата ќе говорат британската амбасадорка Рејчел Галовеј, директорката на ИКС Жанета Трајкоска и дел од авторите на документите за јавна политика – проф. д-р Билјана Пулевска Јанушевска и м-р Кристина Најдовска Илиевски.

 

 

Фото:

greenlifeenv.com