Од 600 киднапирани, спасени 17 ученици во Нигерија – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/20 8:34 PM

Од 600 киднапирани, спасени 17 ученици во Нигерија

Од рацете на терористичката организација „Боко Харам“ ослободени се 17 од стотиците ученици кои беа киднапирани во нигериската провинција Катсина, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Амину Масари, гувернерот на Катсина, во својата изјава дадена за една радиостаница информира дека безбедносните сили спровеле операција откако терористичката организација „Боко Харам“ од еден интернат во провинцијата Канкара киднапира стотици ученици.

Гувернерот Масари информира дека во операцијата се ослободени 17 ученици, а 2 ученика ги загубиле животите.

Зборувајќи дека спасените ученици им се предадени на нивните семејства, Масари рече: „Најголемиот дел од киднапираните ученици се наоѓаат во шумата во соседната провинција Замфара. Продолжуваат нашите напори за нивно ослободување.“

Припадниците на Боко Харам ноќта на 11 декември во подрачјето Канкара во провинцијата Катсина изведоа напад врз интернат, киднапирајќи повеќе од 600 ученици.

Башир Салихи Магаши, министерот за одбрана на Нигерија, при посетата на подрачјето вети дека учениците наскоро ќе бидат ослободени.

Локалното население продолжува со своите протести за ослободување на учениците.

Премиерот Мухамед Бухари во својата изјава го осуди кукавичкиот напад на вооружената група врз учениците и истакна дека безбедносните сили ја забележале во шумата и ја започнале операцијата.

Гамбо Исак, портпаролот на полицијата на провинцијата Катсина, информира дека за време на операцијата ранет е еден припадник на безбедносните сили, додавајќи дека дополнителни безбедносни сили ќе бидат испратени во подрачјето за потребите на операцијата за пребарување и спасување.

Гувернерот Масари по нападот ја издаде наредбата да се затворат сите интернати во провинцијата.