Прилеп е еден од 15-те градови во државата, во кои денеска ќе се слави добивањето покана за членство на Македонија во НАТО, со концерти на музички ѕвезди од домашната естрада.
„Македонија доби покана да стане членка на НАТО и има датум за преговори со ЕУ. Конечно, Македонија станува нова приказна. Се изборивме за сигурна иднина. Доаѓа време на надеж, на победи, на гордост. Време на сигурност и безбедност. Направивме историски исчекор, којшто за Македонија и за граѓаните на Македонија значи почеток на реализација на нашите цели – членство во ЕУ и Алијансата“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп, на денешната прес конференција што се одржа на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“.
Упатувајќи апел до граѓаните на Прилеп да бидат дел од прославата, градоначалникот Јованоски истакна дека реализацијата на бројните проекти ќе значи запирање на иселувањето и подобар живот за граѓаните во својата земја.
„Со отворените фондови на ЕУ, Прилеп и Македонија ќе станат рамноправен партнер на Европа, а граѓаните ќе можат побрзо да ги живеат европските стандарди, најмногу на економски план. И овој чекор, како и сè досега, го постигнавме заедно. Затоа, да се обединиме за нашата подобра иднина, заедно да го прославиме огромниот историски успех на Македонија. Ве повикувам сите граѓани на Прилеп, денеска во 20 часот на голема прослава во центарот на градот. Одиме напред во подобра иднина“, порача градоначалникот Јованоски.
Прославата ќе се одржи во центарот на Прилеп, со почеток во 20 часот, а граѓаните ќе ги забавува групата „5+ Бенд“.
Забавата ќе се одржи непосредно пред почетокот на третата вечер во рамките на „Пивофест“.