Извинување од Екатерина Захариева бараат членовите на здружението „Јосип Брзо Тито” од Кочани – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/20 4:02 PM

Извинување од Екатерина Захариева бараат членовите на здружението „Јосип Брзо Тито” од Кочани

Членовите на граѓанското здружение „Јосип Броз Тито” од Кочани бараат, како што соопштија денеска, извинување од бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за нејзините ставови дека поранешниот југословенски претседател бил диктатор и за споредбите со Хитлер.

На денешната прес-конференција оценија дека бугарскиот државен врв води негативна кампања против македонскиот народ и останатите етнички заедници во нашата земја, при што јавно изнесуваат лажни тврдења и дезинформации.

– Бугарската министерка ги побркала фактите и ја извртува вистината за да ги оправда лажните тврдења за улогата на Тито во југословенската и македонската историја. Точно е дека на просторите на поранешна Југославја имало 1,7 милиони жртви, но тие загинале како резултат на фашистичката агресија од страна на германските нацисти и нивните поддржувачи, меѓу кои била и Бугарија. Доказ за тоа се и многубројните спомен обележја подигнати во сеќавање на многу недолжни жртви, каков што е примерот со стреланите младинци во кавадаречко Ваташа и на други места. Сѐ уште има живи луѓе кои ги паметат тие ѕверства, истакна Трајан Трендов, претседател на Здружението „Јосип Броз Тито”.

Кочанските титовисти сметаат дека изнесувањето лажни тврдења не оди во прилог на развивањето добрососедски односи и на долг рок нанесува непоправлива штета за соработката на државите на овие простори.

– Тврдењата на бугарската министерка не се навреда само за нас, членовите на Здружението кое гордо го носи името на патронот Тито, туку навреда за сите граѓани во Македонија, но и за најмалку 22 милиона жители на поранешната заедничка југословенска држава. Ние како народ ќе истраеме во нашите ставови за сопствениот идентитет и државност, за што имаме и целосна меѓународна поддршка, истакна Ѓорѓи Николов, секретар на Здружението „Јосип Броз Тито”.

Членовите на кочанското здружение му порачаа на бугарското државно раководство дека треба да ја цени улогата на Јосип Броз Тито, затоа што пред крајот на Вторатата светска војна тој помогнал, при државниот преврат во Бугарија, да се смени страната што ја поддржувале, и од фашисти да станат социјалисти.

МИА