Падна првата тренерска „жртва“ во ПЛ: Билиќ доби отказ, „Биг Сем“ го презема ВБА – ММС
ММС

Објавено на: 12/16/20 1:44 PM

Падна првата тренерска „жртва“ во ПЛ: Билиќ доби отказ, „Биг Сем“ го презема ВБА

Нерешениот резултат вчера на „Етихад“ остави тронка надеж дека хрватскиот стратег сепак би можел да остане во екипата од Бирмингем и да успее да го избори посакуваниот опстанок во Премиер Лига. Но, раководството на Вест Бромвич Албион очигледно размислувало во поинаков правец.

Шпекулациите се овистинија и од денес Славен Билиќ повеќе не е тренер на ВБА. Покрај него клубот го напуштаат и неговите помошници Деан Рачуница, Данило Буторовиќ и Џулиен Дикс.

Само седумте бодови освени после 13 кола во Премиер Лигата и 19-тата позиција на табелата, претставуваа легитимна причина за отпуштање на поранешниот тренер на Бешикташ и Локомотив Москва. Билиќ во 2019 година на „Хоторнс“ пристигна како замена за Дарен Мур и успеа со клубот да обезбеди директна промоција од Чемпионшип во најквалитетното англиско фудбалско натпреварување.

Англиските медиуми наведоа неколкумина потенцијални кандидати за седнување на клупата на ВБА, меѓу кои Најџел Пирсон, Марк Хјуз и Сем Алардајс, a токму некогашниот стручњак на Болтон и Кристал Палас е најголем фаворит за преземање на позицијата.

 

 

Фото:

theguardian.com