Двајца сопственици на угостителски објекти во тетовско-гостиварскиот регион се приведени, бидејќи при синоќешните контроли било откриени дека имале гости по работното време.
Затворени се и објектите.
Според СВР Тетово, синоќа околу 21.20 часот, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Д.С. (38) од Тетово, чиј угостителски објект на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, работел со гости по дозволеното време. При контролоата било констатирано дека не ги почитувал мерките за справување со коронавирусот. Објектот бил затворен, додека Д.С. е задржан во Полициската станица Тетово. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвенa пријава по член 206 од Кривичниот законик, а поради сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Клуч на врата е ставен и на објектот на Б.С. (27) од гостиварско Дебреше, кој исто така е осомничен дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Тој бил лишен од слобода околу 22:50 часот, затоа што неговиот објект во селото бил отворен и во него се наоѓале десетина гости. Тој е задржан во Полициската станица Гостивар. Неговиот угостителски објект без фирма бил затворен од Државниот пазарен инспекторат.