Бројот на пораки од кредитобарателите ги надмина нашите очекувања и имаат најмалку осум пати посилен интензитет од она што се случуваше со претходниот Ковид 2 пакет, изјави директорот на Развојната банка, Кире Наумов.
Поднесувањето кредитни барања за бескаматната кредитна линија Ковид 3, започна ноќеска на полноќ и се реализира со финансиска помош од Европската Унија, а Министерството за економија се јавува како кофинансиер. Кредитната линија која содржи и грант компонента е наменета за микро и мали претпријатија, трговци поединци и занаетчии погодени од Ковид-19 кризата, како и категории од женското претприемништво.
-Од денес течат 15-те дена од јавниот повик за Ковид 3 линијата. По отворањето на и-мејл адресата дојде до преоптеретување на серверот, бидејќи пристигна голем број на и-мејл адреси од кредитобарателите, кои паралелно се испраќаа и во Развојната банка. Порати тоа имаше и мало задоцнување. Голем број од нив по неколку пати се обидоа да испратат пораки. Во утринските часови серверот се растерети и започна примањето и враќањето на автоматските пораки кон барателите. Морам да признаам дека бројот на пораки ги надмина нашите очекувања. Најмалку осум пати посилен е интензитетот и просторот на потреба од она што ни се случуваше во Ковид 2. Очекувавме максимум два ипол пати повеќе од претходно, изјави Кире Наумов.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, нагласи дека министерството ќе соработува со Развојната банка со цел оваа линија да биде успешна од стопанствениците и најави дека и следната година министерството ќе креира дополнителни кредитни линии со евтини камати, за да се излезе во пресрет на стопанството во овие кризни времиња.
-Од денес почнува да се реализира новата кредитна бескаматна линија, која веќе ја најавивме во претходните економски пакети. Кредитната линија се однесува за микро и мали претпријатија, вкучувајќи ги и занаетчиите и категориите од женското претприемништво. Не е исклучена ниту грант компонентата, а линијата можат да ја искористат и младите лица и сите оние кои се извозно ориентирани. Интересот е голем од бизнис заедницата, не застануваме тука, следната година ќе има дополнителни кредитни линии со евтина камата, со цел да излеземе во пресрет на стопанството, најави министерот Бектеши.
Кредитната линија важи за оние чие работење е погодено од короанвирусот и се мери преку падот на приходите од најмалку 20 проценти. Јавниот повик ќе биде отворен за поднесување кредитни барања до 30 декември 2020 година.
д.ј