Граѓаните 6000 денари ќе ги добијат на своите сметки, во своите банки, парите ќе можат да се користат и по 25 декември – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/20 3:37 PM

Граѓаните 6000 денари ќе ги добијат на своите сметки, во своите банки, парите ќе можат да се користат и по 25 декември

Започна исплатата на 6000 денари како четврт пакет на ковид мерките, информираше премиерот Заев на денешната прес-конференција.

„Сакаме да водиме грижа да не се ствараат гужви пред банките, одлуката ја донесовме да ја исплатиме преку трансакциските сметки. Исплатите започнаа, државата ја прави исплатата према банките, а банките ќе ги префрлат парите до граѓаните, а ќе бидат опфатени пензионерите, пасивните баратели на работа, самохраните родители и други ранливи категории ќе добијат по 6000 денари“, рече Заев.

Околу 300.000 граѓани кои ќе добијат 6.000 денари како еднократна поддршка од државата средствата ќе можат да ги користат и после предвидениот рок 25 декември 2020 година, информираат од Владата.

„Тоа се пари на и за граѓаните на кои им е потребна поддршка и истите ќе може да се користат непречено веднаш после уплатата на сметка. Препораката за искористување на средствата до 25 декември останува со цел до крајот на годината да се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период, да се купуваат македонски производи и на тој начин да се дејствува врз раздвижување на економската активност“, се вели во соопштението од Владата.

„Оваа мерка е од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани. По 6.000 денари на сметка добиваат граѓаните со низок доход, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. За оваа мерка која ќе се реализира преку исплаќање на средствата на постоечката трансакциска сметка на граѓаните, испроектирани се вкупно 27,5 милиони евра, појаснуваат од Владата.

До крајот на неделата страницата kupuvamdomasno.gov.mk се очекува да биде ажурирана за граѓаните да може да проверат дали се на листата со внесување на својот матичен број.

фото-миа