Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека регрес за годишен одмор за работниците од приватниот сектор мора да се исплати и потсетуваат дека важењето на колективните договори не може да се суспендира од страна на државните органи.
Од ССМ посочуваат дека обидите за манипулирање и создавање сомнеж кај работниците од страна на, како што велат, некакви невладини организации кои се кажуваат дека работат на заштита на работничките права, па и државни институции мора да престанат.
– Работодавачите, невладините организации и Државниот инспекторат за труд да не чекаат дали требало или не требало да се исплати регресот за годишен одмор и да се надеваат дека некој ќе ги ослободи од оваа обврска. ССМ и ОРМ со потпишување на Општиот колективен договор веќе кажале дека мора да се исплаќа регресот за годишен одмор, се вели во соопштението.
ССМ, наведуваат оттаму, како единствен репрезентативен синдникат во државата очекува работодавачите да ја исполнат обврската за исплата на регрес за годишен одмор така како што е утврдена во Колективните договори. Ги потсетуваат работодавачите дека имаат уште 15 дена до крајот на годината, а потоа конечно, како што велат, очекуваме надлежните инспекциски служби да ги казни оние кои нема да ја исполнат оваа обврска и да ги задолжат со решение да ја исполнат.
– Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавач. Општиот колективен договор за приватниот сектор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и вработените во приватниот сектор и нема исклучоци, се наведува во соопштението од Сојуз на синдикатите на Македонија.