Чествување за Блаже Конески во Небрегово: Македонскиот јазик има вековна генеза и постои, признат е од целиот свет – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/20 2:35 PM

Чествување за Блаже Конески во Небрегово: Македонскиот јазик има вековна генеза и постои, признат е од целиот свет

Во пресрет на 99-годишнината од раѓањето на великанот Блаже Консеки, претставници од Владата, од Советот за македонски јазик, од Институтот за македонски јазик од Скопје денеска ја посетија неговата родната куќа во Небрегово, која сега е спомен-куќа на Конески. Од родното Небрегово на Конески беа испратени пораките дека македонскиот јазик ја има својата посебност и историски развој од почетокот на словенската писменост до денес, признаен е во целиот свет и ќе постои додека живеат Македонците.

Според Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик при Владата, денска е оддадена почит на кодификаторот на македонскиот јазик, литератот, академикот и професор Блаже Конески, а светот одамна ја знае посебноста на македонскиот јазик и ја прифатил.

-Се наоѓаме пред родната куќа на Блаже Конески за да му се поклониме на великанот, да се заблагодариме за целото негово дело и да ветиме дека во иднина ќе ја продолжиме неговата работа, од една страна, а од друга, да му покажеме на светот дека македонскиот јазик има своја длабока историја, дека македонската литература и култура постојат од векот, и дека ќе постои додека постои овој свет. Сакаме да го поттикнеме македонскиот народ, но и сите други народи во нашава држава, да му оддадат почит на еден ваков великан каков што е Блаже Конески. Мора да дополнам дека за светот не е спорно, бидејќи македонскиот јазик е запишан во декларацијата на ОН, постојат многу Универзитети во светот каде се изучува македонскиот јазик, научно се работи во областа на македонскиот јазик, кај нас се Институтот за македонски јазик, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, постојат многу други институции. Сето покажува дека македонскиот јазик го има своето достојно место, како и македонската литература и култура, рече Спасов.

Спасов со оптимизам дека ќе се надминат оспорувањата што доаѓаат од Бугарија зашто нема ништо спорно во посебноста и постоењето на македонскиот јазик.

-Не е нормално што се влечат некои назадни идеи од средниот век кои го оспоруваат на некој начин македонскиот јазикдека не е посебен. Но, мора да бидеме оптимисти, токму со нашето дело, токму пред овој спомен-дом во Небрегово, дека и ова ќе се надмине и ќе си го заземеме местото кое природно ни припаѓа, рече Спасов.

Професорот на Филолошкиот факултет при УКИМ потенцираше дека ние Македонците ќе зборуваме македонски јазик додека постоиме.

-Мора да ја повторам мислата на Блаже Конески дека не може на едни да им се оддава признание за својот јазик и култура, а на други да им се одзема тоа право. Ние Македонците ќе зборуваме македонски јазик додека постоиме. Сигурен сум дека во Бугарија постои интелектуална средина и интелектуални луѓе кои ќе помогнат да се надмине овој спор, бидејќи бугарскиот и македонскиот народ треба да соработуваат, имаат заеднички елементи кои ќе ги тераат на соработка, а не на кавги, за жал предизвикани од бугарската страна. Ние јазикот си го чуваме и си го негуваме строго, токму преку чување на нашата литература и култура и нашата наука. Тие треба да го разберат тоа, изјави Спасов.

Роберт Алаѓозовски, национален координатор за едно општество и интеркултурализам уште еднаш го нагласи владиниот став дека за јазикот, идентитет и самоопределувањето не се преговара.

-Ставот на Владата е јасен. За македонскиот јазик, македонскиот идентитет, за македонскиот народ и за правото на самоопределување не се преговара и тоа е реалност која целиот свет ја признава. Ја поддржуваме работата на Советот за македонски јазик и неговите совети се обврска за сите институции што ги обврзува во реализацијата. Со подршката на Советот, на Институтот за македонски јазик, на Фондацијата „Небрегово” ги потврдуваме нашата грижа и посветеност на македонскиот јазик. Македонскиот народ и македонскиот јазик имаат своја етногенеза и ние имаме право да се повикуваме на тоа, рече Алаѓозоски.

Елена Јованова Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик од Скопје најави дека наредната година кога се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески и на Благоја Корубин, неделата на јазикот ќе биде во мај во Небрегово и во Прилеп.

-Институтот за македонски јазик досега повеќепати ги изнесе ставовите и преку зборници и со колективна монографија на Институтот, на МАНУ, Советот за македонски јазик и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Научниот свет се сплоти и одговори, Македонскиот јазик си има свој континуитет од 9. век со појавата на словенската писменост до денес. Книгата на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи” е првата и неофицијална кодификација на македонскиот јазик, а потоа и последната кодификација на нашиот кодификатор Блаже Конески, кога, пред 75 години се заокружи кодификацијата на македонскиот, денеска веќе, стандарден јазик, нагласи таа.

Конески, како што потенцира, е тој што му објасни на светот за различноста на македонскиот јазик.

-Конески беше нашиот промотор на јазикот во целиот научен свет. Институтот најавува: Во 2021 година кога се наполнуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески и на Благоја Корубин, во рамките на деновите на Благоја Корубин, да ја почнеме и да ја организираме Конференцијата овде, во спомен-домот на Конески во Небрегово, и во Прилеп. На тој начин ќе упатиме порака. Тоа ќе биде во мај, зашто 5 мај е денот на македонскиот јазик, изјави Јованова Грујовска.

Миле Спиркоски, водич во спомен- домот на Конески во Небрегово побара посетата на спомен куќата на Конески во Небрегово да биде задолжителна во екскурзиите на учениците.

– Како вљубеник во делото и сето што го направил Конески со години ги пречекувам посетителите и им објаснувам. Доаѓаат од странство, но, за жал, малку групи ученици го псоетуваат. Затоа апелирам во ученичките екскурзии да се стави како задолжителна посетата на спомен-домот на Конески во небрегово за новите генерации да знаат за достигнувањата на великанот Конески за македонскиот јазик, литератур аи граматика и да го продолжат неговото дело, рече Спиркоски.

На чествувањето во родната, спомен-куќа на Конески во Небрегово беше прочитан прогласот за јазикот на Советот за македонски јазик при Владата.

МИА