Еден месец угостителските објекти ќе работат до 18 часот, Владата донесе нови рестриктивни мерки – ММС
ММС

Објавено на: 12/15/20 2:11 PM

Еден месец угостителските објекти ќе работат до 18 часот, Владата донесе нови рестриктивни мерки

Владата денеска ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и одлучи дека за време на новогодишните празници угостителските објекти ќе работат до 18 часот. Новиот пакет рестриктивни мерки ќе важи од 18 декември до 20 јануари на полноќ.

– Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање на предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор. Имаме и јасни препораки до верските заедници, до работните организации и до општините, има и препораки за работата на рестораните во хотелските објекти, соопшти премиерот Заев на прес-конференција, а мерките ги нарече „Празнувај одговорно“.

Заев е категоричен дека ситуацијата налагала акција и поради тоа Владата ги презела овие дополнителни рестриктивни мерки за време на новогодишните и божикни празници.

Тој апелираше годинава да се празнува одговорно, бидејќи како што рече, ова е време кога треба да одбележиме, а не да славиме.