САД воведоа санкции за Турција поради купувањето на рускиот систем С-400 – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/20 8:40 PM

САД воведоа санкции за Турција поради купувањето на рускиот систем С-400

Американското Министерство за финансии воведе санкции за Турција поради набавката на рускиот ракетен систем за противвоздушна одбрана С-400, јавува aгенцијата Анадолија (AA).

Санкциите, кои се дел од Законот за сузбивање на американските противници со санкции (CAATSA), се насочени кон Одбранбените индустрии на Турција (SSB), нивниот челник Исмаил Демир и уште тројца официјални лица.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео преку соопштение истакна дека Одбранбените индустрии на Турција (SSB) свесно учествувале во значајна трансакција со „Рособоронекспорт“, главната руска агенција за извоз на оружје, за набавка на ракетниот систем С-400.

„Санкциите вклучуваат забрана на сите американски дозволи за извоз и овластувања за ССБ и замрзнување на имотот и ограничувања по прашање на визите за д-р Исмаил Демир, претседателот на ССБ и други службеници на ССБ“, додава Помпео.

Претседателот Доналд Трамп во јуни 2019 година изјави дека администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама неправедно се однесувала кон Турција кога Анкара побарала да купи американски одбранбени системи.

„Администрацијата на Обама ѝ кажа на Турција ’не, не, не’, кога сакаа да го купат „патриот“, а потоа Турција го купи С-400“, рече Трамп во текот на обраќањето на Самитот на Г20 во Осака, Јапонија, пишува „Анадолија“.