Хаг: Потврдено обвинението против челниците на организацијата на ветерани на ОВК – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/20 6:10 PM

Хаг: Потврдено обвинението против челниците на организацијата на ветерани на ОВК

Судијата на претходна постапка на Специјализираните совети на Косово на 11 декември 2020 година го потврди обвинението против Хусни Гуцати, претседател на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и Насим Харадинај, неговиот заменик, пренесува Анадолија (AA).

Обвинението е поднесено од специјалниот обвинител на 30 октомври 2020 година за кривични дела против правосудството, односно попречување на службени лица во вршење на службените должности, заплашување на сведоци, одмазда и повреда на тајноста на постапката, соопштено е од Специјализираните совети на Косово.

„Обвиненијата од потврденото обвинение се засноваат на основано сомнение дека најдоцна од 7 до 25 септември, на три прес-конференции и други собири пренесувани медиумски, како и со понатамошно дистрибуирање, вклучително и преку изјави на социјалните мрежи, г. Гуцати и г. Харадинај неовластено откриле информации заштитени со Законот за Специјализирани совети, меѓу кои и заштитени податоци за одредени (потенцијални) сведоци врз основа на кои може да се открие нивниот идентитет“, се наведува во соопштението.

Понатаму се додава дека Гуцати и Харадинај упатувале потценувачки обвинувања и пораки до (потенцијалните) сведоци и во повеќе наврати ја изразувале својата намера да ја саботираат работата на Специјализираните совети.

„Со овие постапки, г. Гуцати и г. Харадинај извршиле повреда на тајноста на постапката, вршеле одмазда и заплашување против (потенцијалните) сведоци на Специјализираното обвинителство, што како последица ја имаше опструкцијата на неговата работа и истрагите“, се додава во соопштението.

Според законот, Специјализираните совети на Косово имаат надлежност да судат лица за кривични дела против правосудството кога тие дела се однесуваат на официјални постапки и службеници на Специјализираните совети.

Гуцати и Харадинај се уапсени како осомничени на 25 септември 2020 година од Специјализираното обвинителство, со поддршка на ЕУЛЕКС и косовската полиција, и донесени во Притворскиот објект на Специјализираните совети на Косово во Хаг.

Харадинај првпат се појави на суд во својство на осомничен на 29 септември 2020 година, а првото појавување пред судот на осомничениот Гуцати беше на 1 октомври 2020 година

Со потврда на обвинението, Гуцати и Харадинај стануваат обвинети лица пред Специјализираните совети и со тоа нивниот случај влегува во фаза на претходна постапка, што започнува со првото појавување пред судот.

Првото пристапување на Харадинај пред судот во својство на обвинет ќе биде утре, 15 декември 2020 година, со почеток во 15 часот, додека првото пристапување на Гуцати како обвинет пред судот ќе биде в петок, 18 декември, со почеток во 11 часот. Тоа ќе бидат јавни заседавања што ќе може да се следат преку видео стриминг.