Турски „Аселсан“ и „Жикол“ ќе работат на електронската наплата на патарина на Коридор 8 и Миладиновци-Штип – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/20 5:03 PM

Турски „Аселсан“ и „Жикол“ ќе работат на електронската наплата на патарина на Коридор 8 и Миладиновци-Штип

Турско-македонски конзорциум составен од компанијата „Аселсан“ од Анкара и „Жикол“ од Струмица го добија тендерот за воведување на електронска наплата на патарина на автопатските делници долж Коридорот 8, како и на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, е наведено во резултатите од межународниот тендер објавен од ЕБОР. Договорот со Јавното претпријатие за државни патишта треба да се потпише на крајот од декември, а рокот за реализација на проектот е 24 месеци.

Турците го спроведоа електронското плаќање на патарина со М-Таг и М-Смарт картички и на Коридорот 10, а во иднина ќе ја имаат идентичната задача и на наплатните станици „Миладиновци“, „Глумово“, „Желино“, „Тетово“ и „Гостивар“ на Коридорот 8. Воедно, со договорот вреден речиси 12,5 милиони евра ќе треба да се изградат наплатните станици „Кадрифаково“ и „Преод“ на автопатот Миладиновци-Штип, како и „Арбиново“ на автопатот Кичево-Охрид. Средствата за овој проект се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), објави мета.мк.

Електронската наплата на патарина започна на почетокот од јули 2019 година, но само на Коридорот 10. Од ЈП за државни патишта веќе напоменаа дека постојните електронски смарт картички и тагови ќе можат да се користат во иднина и за плаќање на овој надоместок на сите наплатни станици во земјава. Со воведување на електронските уреди, граѓаните на сите автопатски делници ќе можат да остварат попусти од 2 до 7 отсто на цените за патарина, во зависност од висината на надополнување на М-Таг и М-Смарт картичката.

Од воведувањето на електронското плаќање на овој надоместок до крајот на септември годинава, продадени се речиси 20.000 М-Таг и М-Смарт картички на возачите во земјава. Само во периодот јули-септември 2020 година, остварен бил промет од продажба на електронски уреди и надополнувања на истите во висина од 709.730 евра. Во овој период, продадени се вкупно 1.863 електронски уреди, или поединечно 1.280 М-Смарт картички и 583 М-Таг уреди.

meta.mk