ИНТЕГРА обвинува: По налог на Шилегов се руши терасата на Аманет, постапката си има позадина – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/20 4:30 PM

ИНТЕГРА обвинува: По налог на Шилегов се руши терасата на Аманет, постапката си има позадина

Утрово, инспекциските служби на Општина Центар започнале со рушење на изградена тераса на ресторанот Аманет. Од тука велат дека се е законски и со сите потребни дозволи и документи и дека постапката има своја позадина.
Терасата е во сопственост на лидерот на ИНТЕГРА, Љупчо Ристовски.

„И покрај сите наши укажувања, приговори и жалби до владини комисии, на законитоста на изградената тераса, со заверен проект од Град Скопје, Решение за плаќање на такси, уплатени такси, и добиени две Одобренија од Град Скопје за поставување на урбана опрема и за вршење на дејност службите на Град Скопје, по налог лично од градоначалникот Шилегов, ја демонтираат законски изградената тераса на Аманет.
Ваквиот чин на брутална злоупотреба на овластувањето од позиции на власт, претставува чист пример на политички притисок врз лидерот на опозициската ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија, чин на политички рекет и политичка корупција од највисок вид,“ се вели во соопштението од Интегра.

Според партијата, Шилегов се дрзна да упати порака до Ристовски дека премногу ги критикувал СДС* и дека тој најдобро знаел зошто му се руши терасата.
Од партијата најавија дека за ваквиот чин на злосторство против приватната сопственост и слободата на политичко делување на опозициски политички субјект, Градот Скопје и Шилегов лично ќе добијат тужба, покрај кривична пријава за вршење политички притисок и закани од позиција на носители на локална власт.

Во соопштението до јавноста, доставени се и документи со кои се докажува регуларноста во изградбата терасата.
Се огласија и од општина Центар каде што се наоѓа ресторанот Аманет.
„Денеска со градежна механизација на улицата „Павел Шатев “бр. 2 во палатата Емануел Чучков се отстрануваше нелегално поставена урбана опрема, односно челична конструкција обложена со стакло, која функционираше како тераса на гостилницата „Аманет“, се наведува во соопштението од Општина Центар.
Откако инвеститорот не постапил по законски издаденото решение, кое наложува во рок од три дена самостојно да ја отстрани дивоградбата, инспекциските служби на општината пристапиле кон присилно административно извршување, а трошоците за извршувањето, како што стои во соопштението, ќе паднат на товар на инвеститорот.
Во соопштението се додава дека акцијата на општината за справување со дивоградбите ќе продолжи и во деновите кои следат, со што ќе бидат опфатени вкупно 18 нелегално поставени и изградени објекти на територија на општината.

фото-ИНТЕГРА