Мажот треба да има тежок ум, а не тежок џеб – Со Ангела Јакимовска за животот на убавите жени – ММС
ММС

Објавено на: 12/14/20 12:00 PM

Мажот треба да има тежок ум, а не тежок џеб – Со Ангела Јакимовска за животот на убавите жени

Моделот Ангела Јакимовска досега многу пати донела интернационални титули на Македонија.  Но, убавината и манекенството за неа не се само титули, туку и живот, бидејќи, како што вели, убавината е меч со две острици а само од убавата жена зависи како ќе мечува. Ако се суди според неа, таа успешно плива во светот на модата и убавината, кои за неа се примарна професија. Таа за ММС сподели размислувања, кои, како што смета, неоправдано се лепат како етикети на убавите жени.

Колку убавината ти помогнала или одмогнала во животот?

-Историјата зборува за  привлечни фатални жени  поради коишто се војувало, но и за жени коишто доживеале фатален крај, бидејќи не знаеле како да се носат со својата убавина, па завршиле фрлени на буниште!  Честопати жената ја прашуваат „кој“ а не „што“ стои зад неа! Јас сум личност што кога ќе замисли нешто истото мора да го реализира. Она што сум го имала во план да го остварам  секогаш било поврзано со моите квалитети и зависело исклучително од моите способности. Оспорувањето на интелигенцијата  на убава, згодна, негувана жена е момент на фрустрација и слабост. Ќе се сложам со изреката дека убавината е меч со две острици, но од нас зависи како ќе мечуваме.

Какво е чувството кога на интернационален избор ќе ја претставуваш државата и кога ќе си го чуеш името за некоја титула?

-Горда сум, но не ја хранам суетата. Доколку ја хранам суетата ќе ја изгубам убавината! Доброто не е добро, ако не се направи на добар начин, а успехот не е успех ако не се сподели со останатите!

Често може да се слуше „убавина и памет не одат заедно“ или „убавите жени се глупави“, што мислиш колку има вистина во ова и што би им препорачала на љубоморните?

-Моделингот е уметност, не можете да одработите успешна фотосесија, реклама  за бренд или музичко видео со правење на истите фацијални екпресии и пози, морате да глумите морате да се предадете на проектот, морате да го продадете производот! Тоа не може да го одработи “глупав” човек.  Глупавоста не постои, во секој човек постои потенцијал само некој повеќе работи на себе, а некој помалку.  Зависта е  најлошата човекова особина, историјата сведочи како поради зависта се почнувале војни, убиства и ред други настани предизвикани од труење на умот.  На патот кон успехот има  повеќе непријатели отколку пријатели, затоа што туѓиот успех тешко се простува!  Љубоморните луѓе се длабоко несреќни, најпрвин би им посакала многу љубов кон себе.  Живеењето во остатоците од туѓ живот е навреда за сопствениот.

Која е твојата вистинска професија, со оглед на тоа што манекенството не е долгорочно?

– Умешност е да ги сакате нештата на долг план, без да ви здодеат откако ќе си ја реализирате целта. Сметам дека  ако се одржувам себе си ќе опстанам во оваа професија и во позрелите години.  Уште во  деството многу учев,  дипломирав на Економскиот факлутет во Скопје,  одреден период студирав во Хрватска, Сплит, потоа стажирав во компанија во Турција, Бурса. Без оглед на моето образование, секогаш манекенството ќе биде мојата професија, се друго е споредно занимање.

Како се замислуваш себе си еден ден кога ќе ти заврши оваа кариера?

-Знаеме што сме, но не знаеме што можеме да бидеме!  Кога ќе завшри мојата манекенска кариера дефинитивно ќе најдам начин да сум во конекција  со  модата  и да ја користам  креативноста којашто ја поседувам. Отсекогаш сакав да пишувам и креирам облека, па ќе се градам себе си во тој правец. Мислам дека животот се состои од повеќе ентитети, не само од општествени достигнувања, па во иднина  се гледам себе си реализирана и на  семејното животно поле.

Што би порачала на девојчињата кои допрва ќе чекорат на модните писти?

-На новите генерации би  им препорачала да чекорат гордо, заводливо, сензуално, самоуверено и со многу љубов кон себе. Занесот после првиот успех, е  една од првите стапици на коешто моногумина од девојките нагазуваат. Чекорењето треба да е внимателно,  бидејќи  не секогаш знаете на што  се ќе нагазите!   Што порано се соочат со препреките  во овој бизнис тоа подобро, бидејќи ќе развијат добар имунитет и антитела,  па ќе знаат дека не секогаш и не секаде треба да победувааат  како што ги учеле  домашните од најраната возраст.

Колку е тешко убава девојка да избере дечко?

– Во средно училиште имав чест Татјана Алексиќ да ми биде професорка,  којашто честопати знаеше на нас девојчињата да ни каже: ,,Дојди ваму ум да ти дадам, мажите душа да не ти вадат! “ .  Партнерот го бирам со разум,  бидејќи љубовта знае да биде слепа.

 Што е она што тебе најмногу те привлекува кај спротивниот пол, кои особини би требало да ги има за да го освои твоето срце?

-Она што најмногу ме привлекува кај спротивниот пол е конзистентноста , упорноста и одлучноста. Една секунда подоцна може да биде засекогаш подоцна. Кај  нас жените некогаш “НЕ”  значи “ДА”,  за да провериме колку е партнерот ,,тежок” во умот, а не во џебот, оној кој  ќе успее да препознае тој ќе успее и да  љуби.  Јас сакам партнер кој се бори со бариерите  и знае да се справи  со она мислам  ,,Да”  велам ,,НЕ”, партнер на којшто можам да се потпрам и безусловно да му верувам.

Колку се живее од манекенството кај нас, за разлика од други држави, каде убавината е основна професија?

-Убавината и успехот се релативни, секако дека во земји како Америка, Англија , Франција, Турција и  слични моделинот е поразвиен отколку кај нас, но овие земји се високо развиени и во други сфери не само во моделингот.  Јас се водам по ставот дека не  е важно каде , туку како се работи она што се работи. Дури и да живеете во Кенија, ако знаете како ќе создадете услови за успех.  Љубовта секогаш победува и ги надминува сите бариери, а јас ја работам оваа работа со многу љубов.

Нова Година, време создадено за желби. Кои се твоите неостварени желби?

-Во новата година посакувам сите да имаме добро здравје, бидејќи ако не си здрав не си среќен!  Благодарна сум за тоа што голем дел од моите желби се остварија. Во новата година сакам само да го одржувам она што го постигнав и да напредувам. Посакувам моите најбиски да се покрај мене и да бидат среќни. А онаа  вистинската новогодишна жеба што се кажува на полноќ нема да ви ја откријам бидејќи ако предвреме ја кажам можеби нема да се оствари!