„Hapybdddtddt you баба“, на само нему својствен начин вчера Ноах и честиташе роденден на Росана Сариќ Тодоровска. На Росана всушност денес и е роденден, но бидејќи моменталната состојба не дозволува поголеми журки, тие во кругот на семејството го прославија вчера. И секако најубавата честитка пристигна од Ноах, внукот на Росана и Трупче, кој, како што вели Росана, откако се роди им покажа љубов каква што не познавале до тогаш.
-Кога се роди Ноах во нашиот живот се се смени. Навистина можам слободно да кажам дека се се промени и тоа на подобро. Ноах ни покажа љубов каква што не сме знаеле до тогаш, не’ прави да ги живееме моментите сега и тука, ни дава чувство на мир и спокој. Ноах е причина за целата наша среќа. Изнудува насмевки, не’ прави безгрижни. За него ништо не ни е тешко и со него се е возможно, вели Росана.
Таа цел живот ќе го памети моментот кога прв пат го видела, кога прв пат го гушнала. Вели чувство кое не се опишува, бидејќи едноставно нема зборови, само се доживува.
-Прв пат го видов на слика на која што беше “стар” само неколку минути. Едно од медицинските лица ги имаше сликано Ноах, Ивана и Џејмс непосредно по породувањето и Ивана веднаш ми ја испрати сликата. Подоцна отидовме во посета и моментот кога прв пат го видовме беше посебен. Веднаш го земав во прегратка, а Ноах со целото раче ми го зграби мојот прст и не ме пушташе. Најсреќна сум што во моментот Трупче снимаше, па тој момент го овековечивме и на камера. Еден од поубавите спомени, морам да признаам, вели таа.
Зетот на Росана е Англичанец, па затоа Ноах паралелно ги учи и двата јазика. А зборува, како нему ќе му одговара.
-Ноах ги разбира, ги говори и двата јазици. Има зборови кои му се полесни да ги каже на македонски, а има зборови кои преферира да ги каже на англиски. Првиот јасно изговорен збор му беше “ма-ми”, но и “ба-ба” така што може да замислите колкава возбуда и радост беше тоа.Ноах почна да оди во градинка на осум и пол месеци. Со тоа што беше релативно мал успеа многу брзо и многу лесно да се прилагоди на градинката и навистина уживаше и со воспитувачките и со другарчињата. За жал, кога започна пандемијата и градинките се затворија и тој како и другите деца мораше да остане дома. На почетокот многу често прашуваше кога пак ќе оди и ги спомнуваше неговите учителки и другари. И покрај тоа што градинките се сега отворени, сепак, семејно одлучивме дека не е време да се врати повторно во градинка заради ризикот од ковид, па така јас и Трупче сега може да уживаме во друштвото на Ноах додека неговите родители се на работа. Ноах е растен со музика од првиот ден кога дојдоа дома од болница. Од бебе мрдаше на музика, па после почна и да танцува. Во нашите домови постојано има музика и секој пее вклучително и Ноах, а омилено му е да ја расчисти масата, да се качи на неа и тогаш следува мини настап. Ноах голем дел од времето заспива самостојно, така што не му треба ни песна, ни нишкање, но гушкање пред спиење никогаш не одбива, вели баба Росана.
Росана за Ноах во себе има безгранична љубов. Бабите служат за тоа, иако бидејќи целата грижа за Ноах откако се родил си ја превзеле Ивана и Џејмс. Но, единствена придобивка од пандемијата е што место да оди во градинка го чуваат баба и дедо.
– Јас и Ивана взаемно се консултираме една со друга. Јас знам повеќе заради подолгото искуство, таа знае повеќе заради тоа што има достап до многу поголем број на информации од тоа што можеби ние некогаш сме имале. Фактот дека медицината па и начинот на растење на децата одат напред и се менуваат значи дека и јас сеуште имам што да научам од неа. Ивана и Џејмс од самиот старт одлучија да бидат самостојни, да можат уште од почеток самите да пробуваат, да грешат и така да научат. Секако дека ние сме тука и за помош и за совет кога е потребно, но тие како родители се многу поопуштени во однос на воспитувањето и растењето на Ноах, за разлика од мене што како баба секогаш се грижам дали и колку јадел, да не му е ладно, да не се испоти, да не падне додека трча или вози точак. Тие за разлика од мене му даваат малку поголема слобода. Во нивни очи ако Ноах е гладен ќе си побара да јаде, ако падне ќе стане и ќе научи да внимава следниот пат. Тука нема правилно и грешно чување на детето. Можеби имаме различни методи, но сите ние му мислиме само најдобро на Ноах и ја имаме истата цел, вели баба Росана.
Во домот на Росана и Трупче веќе осум години член на семејствоо Лејди, преслатко куче, кое сега е најдобриот другар на Ноах.
-Наша Лејди ја имаме веќе осум години, а Ивана и Џејмс ја имаат нивната Саси, која ја најдоа еден месец откако Ивана ја потврди бременоста. Интересно е што кога беше Ноах бебе, Лејди скоро и да не му обрнуваше внимание. За разлика од неа, Саси беше постојано околу него, спиеше до него, не дозволуваше никој да му се приближи без дозвола од родителите. Сега, работите се малку поинакви, Лејди постојано му ги носи играчките за заедно да играат и трчаат, а на Саси изгледа малку и е дојдено преку глава тоа што Ноах ја задева почесто додека е дома, па Саси станува малку порезервирана во последно време. Во секој случај ние сме пресреќни што Ноах расте опкружен со животни, тие го учат на одговорност, емпатија, на тоа дека не сме само ние на земјава. Го учат на љубов во различен облик од човечкиот и секако претставуваат и забава за него. Чинам дека поради кучињата, Ноах нема никаков страв од животни, ги чува и пази и мравките и бездомните животни под еднакво, а омилено место му е Зоолошката градина (особено БЕЈБИ ЗОО каде што може да ги храни животинките), вели Росана и додава:
-Ноах прави да заборавиме на се. И покрај целата ситуација со вирусот ние го извлековме подобриот дел – ни се укажа можност да поминуваме многу повеќе време со него. Уште повеќе да ги цениме моментите поминати со семејството. А кога сме со него, ништо од другата страна на вратата не е важно, вели таа.