Славчо Блажевски доби и дрва за да ја помине зимата – ММС
ММС

Објавено на: 12/13/20 6:30 PM

Славчо Блажевски доби и дрва за да ја помине зимата

Славчо Блажевски од Тетово доби дрва за да на топло ја помине зимата. По приказната што ММС ја објави, хумани луѓе, сепак, се сожалија и решија, колку толку да помогнат.

ММС се обиде да го контактира, да му ја соопшти радосната вест, но соседите река дека отишол да проси во центарот на градот. Го затекнавме седнат во паркот наспроти градскиот плоштад со отворена картонска кутија, каде случајните минувачи му даваа по некој денар.

-Овие пари не стигаат за храна. За лекови не размислувам да купам. Ми препишаа антибиотици и друга терапија за десната нога која е со рани, но пари за терапија нема, рече тој.

Кога му соопштивме дека хумани луѓе донирале дрвја Славчо заборави на гладот, студот но и на болките во нозете. Вели огревното дрво му е најпотребно.

-Им благодарам на тие што донираа, не знам што да речам. Јас сум пресреќен, истакна Славчо Блажевски.

Како што пишувавме освен од дијабет Славчо има проблеми и со бели дробови.

-Примам некоја терпија за тоа, но само кога имам средства да ја купам. Барам било каква работа која може да ја поднесе моето истрошено тело. За тешка работа не сум,  но вака нешто полесно можам да работам. Подобро да работам отколку да питам, но барем засега морам и тоа да го правам, вели Славчо.

Славчо веќе три години не може да обезбеди скромен и достоинствен живот. Тој во 2018 година излезе од КПЅ „Идризово“, но вели таму барем имал храна и лекови да си го крепи здравјето. Тој откако беше пуштен на слобода немаше каде да живее. Спиеше по паркови. По извесно време социјалните служби го сместија во Чичино Село, каде како што вели доживувал тортура од неговите цимери, за на крај да заврши во болница откако бил избоден во грб. Потоа пак се вратил во својот роден крај од каде од неговите сограѓани и институции бара парче леб и лекови за да може да ја преживее зимата.

Зоран Димовски