Планинарењето во зимски услови е се помасовна појава во градот под Шара. Тетовци сакаат да избегаат од густата магла и загадениот воздух, а на само неколку километри им е Шар Планина.
Ова планинско подрачје питомо во летни услови, знае да биде многу сурово на зима. Во последно време климатските промени си го прават своето. Наглото паѓање на снег, па висиките температури предизвикуваат лавини, кои знаат да бидат катастрофални за планинарите рекреативци.
Со цел поголема безбедност на планинарите кои одлучиле да организираат тури и во зимски услови на Тетовското Кале се организираше едукативен настан, преку кој планинарски водичи вршеа презентации како до побезбедни планинарски тури во зима, но и побезбедна опрема.
Претседателот на комисијата за планинарски водичи Горан Николоски, вели дека има чести случаи на организирање на тури без никаква подготовка без планинарски водичи како и непознавање на теренот. Тој додава дека планинарските тури не треба да се организираат по секоја цена.
-Пред да се тргне мора да се провери времето, но и теренот дали има нова или стара снежна покривка, односно колку е патеката безбедна во случај на лавини. Непочитување на овие основни правила, може да предизвикуваа сериозни несреќи како изминативе неколку години.Мора да имаме добра опрема како и резерви на храна, но исто така пред да се тргне да имаме ГПС уред како и мобилен терен. И кога ќе тргнеме мора да се лоцираме, па дури и кога ќе стигнеме до врвот или до одредената цел. Па и не мора да ни се случи нешто па да се лоцираме, може да се лоцираме кога ќе стигнеме и еве да се пофалиме дека сме стигнале до целта. Надворешниот свет да знае каде сме за недај боже, вели Николовски.
И планинарските друштва забележуваат дека во последно време не толку се внимава кога се трга на планина во зимски услови.
-Се забележува дека има се повеќе тури низ планините на зима. Но мора да се внимава.Има некои кои организираат тури и поѓаат околу 12 часот и сакаат и на зима кога се стемнува околу 16 часот да стигнат до врвот. Има и такви кои поаѓаат на планина на зима и со патики, како што одат во град одат и во планина, мора да се внимава. За поздравање е тоа што има посети во овој период од годината, но мора да се внимава и на безбедноста, вели Снежана Новаковска од планинарскиот клуб Јелак.
Поради непочитување на препораките, последниве неколку години има забележено незгоди при планинарење на Шарпланиннскиот масив. За среќа не се регистрирани поголеми повреди кај планинарите. Од Дирекцијата за заштита и спасување, велат дека може да се избегнат поголеми катастрофи, ако ги слушаме надлежните кои пружаат помош при вакви незгоди.
-Ние како Дирекција за заштита и спасување годинава сме добро опремени. Ако имаме некоја незгода тогаш добро е некој од групата кој може да повика помош да не информира каде и како точно настанала незгодата. Ние кога ќе добиеме повик се организираме за еден час, вели Борислав Стојановски од Дирекцијата за заштита и спасување.
На едукативниот настан присуствуваа десетина планинарски водичи и повеќе планинарски друштва.
Зоран Димовски