Продавниците, рестораните и баровите ќе работат само до 19 часот: Нови антиковид мерки во Швајцарија – ММС
ММС

Објавено на: 12/12/20 1:42 PM

Продавниците, рестораните и баровите ќе работат само до 19 часот: Нови антиковид мерки во Швајцарија

Во Швајцарија во последните 24 часа се потврдени 5.136 случаи на заразување со коронавирусот (Ковид-19), а во земјата се донесени нови мерки, јавува Анадолија (АА).

Мерките, коишто федералните и кантоналните власти ги донесоа претходно, не успеаја во борбата против ширењето на Ковид-19. Поради тоа, Владата донесе нови мерки за да се спречи ширењето на вирусот.

Во рамките на новите мерки што ќе важат отсега до 22 јануари, маркетите, продавниците, рестораните и баровите ќе работат до 19 часот.

Сепак, во одредени кантони во кои благодарејќи на строгите мерки е намален бројот на заразени, рестораните ќе работат до 23 часот.

Во неделите ќе бидат отворени само аптеките, јавните установи, бензиските пумпи и ски-центрите.

Сите овие места на 24 и 31 декември ќе можат да работат до еден час по полноќ.

Во рамките на мерките, ќе биде дозволено собирање на најмногу пет лица, а сите активности кои вклучуваат публика се откажани.

Спортските активности ќе може да се извршуваат само до 19 часот.

„Потребни се нови мерки за да го ставиме вирусот под контрола и потребно е веднаш да се имплементираат“, смета челничката на швајцарската конфедерација Симонета Сомаруга.

Во последните 24 часа во Швајцарија се потврдени 5.136 случаи на заразување, а од Ковид-19 починале 106 лица.

Во Швајцарија досега се регистрирани 373.831 случај на Ковид-19, а починале 5.396 лица.