Короната не натера повторно да одиме пеш и да се свртиме кон природата. Соочени со пандемија, луѓето почнаа се почесто да пешачат и да се свртуваат кон природните убавини, се враќаат на некои подзаборавени вредности. Вака со мене го започна разговорот, Сретен Давидов, неготинец кој докторираше на електротехнички науки и беше избран за најдобар млад македонски научник за 2017 година, а сега работи за словенечкото електростопанство.
-Короната направи ново поглавје на мобилноста – ја измисли новата коронамобилност. Заради ургентноста на ситуацијата и потребата за повторно стекнување нови навики и употреба на старо-нови средства за превоз, мобилноста од почетокот на пандемијата (март 2020) го смени начинот на размислување кај луѓето, предизвика повеќемина да користат активна мобилност која е многу поповолна како за животната средина, така и за човекот. Ги натера луѓето да појдат кон природата, кон зелените пространства и да уживаат во пејзажите и чистиот воздух. Коронамобилноста го направи невозможното во март, всушност ја стопира мобилноста на луѓето со една единствена цел – да се освести здравствениот и општествениот систем од шокот предизвикан од коронавирусот. Понатаму започна мобилноста на луѓето полека да се зголемува, потпомогната од научните откритија за пренесување на вирусот, безбедноста и сигурноста во јавниот превоз на транспортниот промет, вели Давидов.
Тој ја анализирал состојбата околу тоа колку време луѓето поминувале на одредени локации во изминатиот период и дошол до заклучок дека се зголемило времето поминато во природа и рекреација.
-Новата мобилност односно т.н. коронамобилност ја стиши градската бучава, го намали или поточно до значителна мера го разби загадувањето на воздухот во многу делови од светот. Донесе првпат звучен мир и состојба за повторно да се „измисли” одењето пеш до некое место, ги откри излетничките места, работењето од дома и да се користат начини на превоз како велосипед или тротинет, истакнува Давидов.
Тој додава дека како последица на коронамобилноста, многу метрополи ги зголемија лентите за движење на пешаците за да им се овозможи доволно растојание за да се разминат и исцрта дополнителни ленти за велосипедистите.
-Со тоа се намали активната површина на коловозот и се намали протокот на возила што придонесува до зголемен сообраќаен промет, повеќе чекање, а со тоа времетраење на должината на патувањето и подолго време на спласнување на коловозната прашина и нечистотија. Во Европа од почетокот на вирусната криза, луѓето почнаа да ги вадат веќе заборавените велосипеди од своите подруми. Почнаа да се чувствуваат посигурно возејќи се со велосипед, а не со јавен превоз, каде тешко може да се одржува сигурносна дистанца или е лесно да стапите во допир со заразен носител на вирусот. Затоа и препораките на епидемиолозите значително влијаеа да суспектните на вирусот одат до пунктовите за тестирање „соло” т.е. сами на велосипед, со возило или пеш и да не се загрозуваат останатите како на пример со јавен превоз, нагласи тој за МИА.
Со падот на температурите, додаде, некои од корисниците се уште ја практикуваат активната мобилност со употреба на заштитни дебели маски и заштитни наочари или визири за време на превозот.
-Со тоа и понатаму го одржуваат нивото на активност и го диригираат пулсот на активната мобилност. Желбата да се остане незаразен, е се уште предизвикот кој го менува начинот на мобилност и движење. Од друга страна, понатамошната употреба на јавниот превоз кој и покрај носењето маски може да биде доста небезбеден, е опција која се прифаќа со страв. За да се направи побезбеден, е потребно да се зголеми фреквенцијата на автобуси или нивно доаѓање и движење заедно во блок. Затоа што секој не може да си дозволи да има свое возило, а заради овие пандемиски услови и кризата може да дојде дури и во ситуација да го продаде своето возило. Затоа, во јавниот превоз, доколку нема капацитети за задоволување на потребите кои се зголемени поради оддржувањето на дистанца , потребно е јавните превозни претпријатија да стапат во спогодбено партенрство со приватни превозни фирми и така да обезбедат поголем капацитет за превоз на патници. Постапката треба да биде координирана и возилата во блок да пристигаат согласно потребите во времето кога е тоа најпотребно – одење на работа во утрински часови и враќање во попладневни часови. Некогаш координацијата во густите населени места на јавниот транспорт е потребно да се координира и со полицијата, односно обезбедување сигурен и навремен сообраќаен промет, затоа што коловозните ленти наменети за јавниот превоз треба да се „чистат” од возила, за кои е забрането да се движат по тие ленти, рече Давидов.
Коронамобилноста, според него, покрај сите негативности кои ги донесе вирусот, предизвикува да се подобри психолошката, душевната, но и физиолошката состојба кај луѓето, со употребата на активните начини на мобилност.
-Мерките кои можат да ги преземат самите луѓе е да си обезбедат сигурно, безбедно средство за превоз кое е технички исправно и не предизвикува дополнителни ризици по останатите учесници во сообраќајот. Дури и по намалувањето на бројот на заболени од корона, после оваа флуктрација во мобилноста, се очекува дека активната мобилност ќе го зголеми својот дел во рамки на целосниот спектар на начини на мобилност, а се очекува и дека ќе се зголемуваат иновациите кои би можеле да понудат поголема сигурност и доверливост во превозот. Иновациите во активната мобилност се насочени кон употребата на батериски превозни средства како потпомогнати со електричен мотор, велосипеди, тротинети, скироли, ролери, четирицикли и слично. Алтернативните превозни средства кои можат да се искористат како замена на т.н. вообичаени превозни средства се развиваат во насока на искористување на потенцијалот на употреба таму каде што е забрането за вообичаени возила (градски јадра, густо прометни делници и коловози), користење стази кои ќе го скратат времетраењето на патување, ќе ја зголемат удобноста и сигурноста на патувањето и пред се психолошкото и душевното задоволство кај корисникот. Секако тука се и технологиите кои треба да обезбедат квалитет на услугите на полнење, како полначките станици за велосипеди, мопеди и тротинети кои мора да наполнат брзо, без прекини и сигурно. Доверливоста во новите технологии ќе се зголемува, заради нивниот брз развој како и практичноста во употребата, нагласи Давидов, кој и самиот работи на оваа проблематика, а и докторатот му беше на тема за новите технологии во мобилноста.
Паралелно, додаде, мора да се развива сигнализацијата, означувањето и координираноста на патување до населените места.
-Можеби заради короната ќе се развијат и возила кои имаат сосема невообичаен изглед, а ќе бидат многу попрактични за употреба. Електрификацијата на превозот, како на јавниот, така и на личниот превоз, започнува од мисловниот поттик, желбата за промена и приликите кои доведуваат до промена на навиките кај корисниците. Па и пред употребата на електричната сијалица се користеле свеќи, кога се поставила потребната инфраструктура и вовеле нови компоненти и уреди, луѓето почнале да ги менуваат своите навики. Но луѓето секогаш размислувале футуристично. Развојот на бесконтактните технологии кои побргу се имплементираат во новите системи за превоз, со цел за намена “заштита од заразата со корона”, дополнително ќе придонесат за зголемено користење на алтернативните облици на превоз, а со тоа и јакнење на целосниот склоп на поттикнување на оддржлива активна мобилност, вели тој.
Порачува дека, главната поента е, дека тие што веќе започнале да користат алтернативни начини на превоз и започнале активно да се движат, а со тоа да ја анимираат зелената мобилност, да продолжат да го прават тоа и понатаму заради придобивките како за своето здравје, така и за околината. Активната мобилност ја крои кај индивидуата културата и смислата за одржливост и развој на нови навики, дециден е др. Сретен Давидов, млад научник и истражувач кој потекнува од Неготино. Има 31 година и во моментов живее и работи во Словенија.
МИА