На барање на граѓаните од Гази Баба кои се жалеле поради високото загадување од минатата седмица и бучавата во кругот на Железара, Државниот инспекторат за животна средина во соработка со Инспекторатот на Град Скопје направила два вонредни надзори во индустриската зона, каде покрај Макстил, работат и повеќе други правни субјекти. Инспекторите на ДИЖС констатирале дека во оваа средина повеќе правни субјекти работат без елаборати за заштита на животната средина.
Првиот надзор, информираат од ДИЖС, беше спроведен на 9 декември, во работно време и беше утврдено јасно прекршување на Законот, односно констатирано дека повеќе правни субјекти работат без елаборати за заштита на животната средина, што значи немаат програма со мерки за заштита на животната средина и надзор врз спроведувањето на мерките. Од Инспекторатот посочуваат дека сите субјекти се задолжени во најкус можен рок да изработат елаборати и да обезбедат одобрение од соодветна институција во согласност со закон.
– Вториот надзор беше извршен на 10 декември, во вечерните часови, во присуство лично и на директорката на инспекторатот, Ана Петровска, раководителот на градскиот инспекторат Горан Трајчевски, акредитирана лабораторија и екипа од Канал 5 телевизија. Во тој момент, ниту еден од субјектите во кругот на Железара не работеше, освен Макстил. Инспекторите и централната акредитирана лабораторија на МЖСПП направија мерења на лице место, а резултатите се очекуваат во текот на следните денови, се наведува во соопштението на Инспекторатот.
Оттаму посочуваат дека во текот на инспекцискиот надзор е побарано објаснување за бучавата на која се жалеле граѓаните на Гази Баба. – Беше потврдено дека бучавата доаѓа од Макстил, поточно од електролачната печка за топење на старо железо, која и покрај изолацијата на погонот, создава силни звуци кои пробиваат во надворешната околина. Макстил е задолжен да го води производниот процес на начин кој нема да создава бучава и да го нарушува мирот и спокојот на граѓаните, соопштуваат од Државниот инспекторат за животна средина.
Фото:
gragjanskizbor.mk