Болните од рак останаа без лекови, од Онкологија велат се чека тендерот – ММС
ММС

Објавено на: 12/11/20 11:27 AM

Болните од рак останаа без лекови, од Онкологија велат се чека тендерот

Дијагнозата карцином на дојка ја добив во 2017 година – вели скопјанката Лидија Стефановска за ММС, која годинава се соочила и со метастази на коски, откриени по интензивните болки кои почнале да ја попречуваат во извршувањето на секојдневните обврски.

-Имав јаки болки, понекогаш не можев ни да се движам низ домот. Прво ме болеше колкот, за потоа снимањата да покажат дека малигните клетки се „вдомиле“ и во моите рамења, во карлицата, на градската коска, на дел од ребрата, па дури и во пршлените – вели Лидија.

Нов проблем за неа е што не може да добие дел од лековите кои треба да ги прима.

-Од јуни оваа година имам терапија за коски. Ја примам и имунотерапијата позната како херцептин, но и лекот декапептил.  Бидејќи комуницирам со други пациенти, следам излагања и на онколози од странство, дознав за лек под името перџета. Кога прашав зошто јас не го примам овој лек, кога  е толку добар, ми рекоа дека го нема – ни изјави Лидија.

На социјалните мрежи други онколошки пациенти и потврдиле дека  и тие имаат проблем, бидејќи и ним им било речено дека лекот перџета го нема на Клиниката за онкологија во Скопје, дека тоа е само еден од неколкуте лекови, што не се на позитивната листа и во моментот не се достапни. Освен тоа, онколошките пациенти се жалат дека тешко се доаѓа и до таблетарната терапија тамоксифен која се продава во аптеките, па некои од нив ја набавуваат од соседните држави, што во оваа ситуација, кога границите се затворени, тешко го набавуваат.

ММС го контактираше првиот човек на Клиниката за онкологија, д-р Нино Васев кој порача дека нема простор за паника кај пациентите.

„Лекот перџета претставува инфузија која се додава на имунолошката терапија херцептин. Херцептинот го имаме, а перџета не е на позитивна листа. Количините се завршени и чекаме нова набавка, значи потребна е процедура, но тоа ќе биде за брзо време“, вели д-р Васев кој истакнува дека лекот го нема од први декември, но тој е оптимист дека до крајот на месецот ќе го има.

„Лекот го имавме до први декември, а се прима на три недели. Тој лек порано го немавме. Фондот и МЗ треба да распишат тендер. Инаку, ова е додаток, не е лек што го даваме сам и во текот на месецот ќе најдеме начин за да го имаме пак. Се прават напори. Снема количини, еве сега Фондот треба да даде зелено светло и да се распишат тендери за повеќе лекови. Треба да се направи нова набавка. Очекуваме брзо тоа да се нормализира и ова не го кажувам за утеха, туку затоа  што знам дека МЗ прави напори“, додаде тој во изјавата за ММС.

Пациентите, кои го примаат овој лек велат дека иако не го примаат секој ден, туку на три недели, сепак, проблемот е во процедурата за набавка и се плашат дека од распишување на тендерот до набавка треба многу време, повеќе од времето кога треба да го примаат лекот и затоа нивниот страв е оправдан.

ММС побара одговор и од министерот Венко Филипче, кој побара малку време за да види каде е проблемот а пото ни рече:

-Контактирав со директорот на Клиниката за онкологија и бев информиран за недостатоците, односно за тоа каде е проблемот за недостаток на тој лек. Преџета од понеделник ќе го има непречено  и нема потреба пациентите да стравуваат, ни рече министерот.