Со свечена воена парада, во која учествуваа војниците на Азербејџан и Турција, во Баку денеска е прославена победата која Азербејџанските вооружени сили ја освоија во Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
Парадата на победата е организирана по повод азербејџанското ослободување на териториите кои во Нагорно Карабах речиси три децении беа под ерменска окупација, а централниот плоштад „Азадлик“ во Баку беше украсен со азербејџански и турски знамиња со голем плакат со порака „Карабах е Азербејџан“.
Воената парада започна со пристигнувањето на азербејџанскиот и турскиот претседател Илхам Алиев и Реџеп Таип Ердоган во свечената ложа и интонирањето на националните химни на двете братски земји.
Потоа е оддадена почест на сите азербејџански шехиди, а Ердоган и Алиев заедно ги поздравија учесниците на спектакуларното воено дефиле.
На парадата учествуваа воените единици кои ја водеа 44-дневната операција на ослободување на регионот во Нагорно Карабах, а на платото беше поставено и азербејџанско знаме кое по 28 години повторно завиори во ослободениот град Шуша.
Во военото дефиле учествуваа азербејџанските воени формации, единиците на турската војска, како и азербејџанските војници кои беа ранети во борбите во Нагорно Карабах, а токму тие добија најсилни аплаузи од публиката.
Парадата беше можност и азербејџанската војска да го покаже арсеналот на оружје со кое располага, вклучувајќи тенкови, оклопни возила, ракетни системи и артилериски средства.
Особено внимание привлече дефилето на беспилотни летала „Бајрактар TБ2“, кои нанесоа големи загуби на ерменските окупаторски сили во Нагорно Карабах.
На парадата се прикажани и оружја кои азербејџанската војска ги заплени од ерменската војска во Нагорно Карабах, вклучувајќи ги и тенковите кои дефилираа со спуштени цевки како симбол на воениот пораз кој на силите на Ерменија ги нанесе Азербејџан.
На брегот на Каспиското Море, азербејџанските сили го покажаа и морнаричкиот арсенал, а над Баку летаа и авионите на воздушните сили кои зад себе оставаа чад во боите на знамето на Азербејџан.
Воените хеликоптери пак летаа со азербејџанските и турските знамиња.
На Парадата на победата во Баку присуствуваа илјадници Азербејџанци кои така го прославија Денот на победата.
Модераторот на програмата ја поздрави победничката азербејџанска војска и укажа на непоколебливото и вечно турско-азербејџанско братство.