ВМРО ДПМНЕ повикува да не се излезе на изборите во Штип, но ќе ги следи – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/20 4:44 PM

ВМРО ДПМНЕ повикува да не се излезе на изборите во Штип, но ќе ги следи

Со цел да не се случи фалсификат на претстојните Вонредни локални избори за градоначалник во Штип, опозициската ВМРО ДПМНЕ ќе го следи текот на изборите. Тоа ќе биде директно преку нивните членови, кои се во состав на избирачките одбори, а ќе бидат присутни и на терен. Ова го потврди Иван Јорданов, координатор на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Штип, кој го повтори партискиот став дека нема услови за избори.

-Министерот за здравство Венко Филипче повика да не се излегува без потреба од дома, освен на работа или да се обезбедат основните потреби. Излегување на избори не се основна потреба. Нашиот повик е упатен до сите наши сограѓани, изјави Јорданов.

ВМРО ДПМНЕ одлучи да не предложи свој кандидат на овие избори.

Гласањето за Вонредните избори започнува утре, кога посебните медицински тимови ќе ги посетат болните со ковид и тие што се во изолација, а се пријавиле за гласање. На овој список се вкупно 12 лица. Задутре гласаат болните и изнемоштените лица , пријавени се 66, како и затворениците и штитениците во домовите – вкупно 67, додека во недела, 13 декември, сите останати.

Во Избирачкиот список се запишани 41.777 гласачи, од кои во посебниот избирачки список со лица кои се на привремен престој или работа во странство се запишани 2.103 лица.