Управувањето со емоциите е заедничка нишка на емоционалната интелигенција и емоционалната манипулација. Манипулацијата ја претставува темната страна на емоционалната интелигенција, бидејќи таа е особина на луѓето што манипулираат со туѓите чувства за да ги остварат своите цели. За важноста на емоционалната интелигенција разговараме со м-р Атанас Иваноски, лиценциран психолог, кој за Македонски медиа сервис објасни како да препознаеме кога некој се обидува да изманипулира со нашите емоции, но и како да се справиме со тоа.
Кои луѓе психологијата ги препознава како емоционални манипулатори? Кои се нивните карактеристики и со какви „трикови“ се служат во намерата да изманипулираат со туѓите емоции?
-Психологијата како наука има за задача да ги проучува човековите поведенија, особености и способности, а токму емоционалното манипулирање е еден вид на човеково поведение и споспобност. Едноставно е да се утврди дека од поимот емоционална манипулација произлегува и терминот емоционален манипулатор. Емоционалната манипулација или т.н. „темната страна на емоционалната интелигенција“, претставува способност да се влијае на чувствата и поведенијата на другите со цел реализирање на сопствените интереси или добивање нешто значајно за себе. Управување со емоциите на другиот на негативен, неконструктивен начин е карактеристично за емоционалната манипулација (наметнување чувство на вина). Препознавањето на индивидуата која емоционално манипулира не е секогаш едноставно бидејќи истата може да манифестира одредени социјално прифатливи поведенија кои само ја маскираат имплицитната намера за да добијат нешто во своја корист на манипулативен начин.
Кога зборуваме за емоционалните манипулатори, важно е да се спомене и интелигенцијата како фактор. Манипулаторите со повисок степен на интелигенција можат многу поуспешно на перфиден начин да ги прекријат своите намери. Она што е карактеристично за индивидуата која емоционално манипулира е критикувањето и употребата на негативни коментари кои се однесуваат на целата личност наместо на одредени поведенија и аспекти на личноста, обезвреднување или минимизирање на нечие поведение, способност или ефективното делување, агресивно или пасивно-агресивно делување и комуницирање, прикривање на емоциите пред другите, прикажување себеси на неавтентичен начин за остварување на одредени сопствени цели (љубезност, ласкање, неискажување на незадоволството и покрај тоа што е присутно во себе), поттикнување вина или љубомора кај другите, како и сиромашни емоционални вештини изразени преку неспособноста за промена на располежението или мотивацијата, волјата кај себеси и другите.
Индивидуата која се обидува емоционално да изманипулира верува дека потребите и желбите кои ги има се многу поважни во однос на оние кои ги има другиот.
Емоционалниот манипулатор често пати истакнува дека е жртва на односот со индивидуата со која е во интеракција, па постојано нагласува како искусува неправди. Важно да се напомене е дека емоционалната манипулација е присутна и кај психопатијата, социопатијата и граничниот случај како нарушувања на личноста (отсуство на емпатија, антисоцијални поведенија). Емоционалните манипулатори се склони кон етикетирање на целата личност, па така, наместо да критикуваат одреден аспект на личноста, тие ја критикуваат целата личност. Покрај претходно наведените антисоцијални аспекти на емоционалната манипулација, некои начини на емоционално манипулирање се препознаени и како просоцијални (влијание врз негативните емоции кои ги има поединецот со цел да постигне некое општествено добро или добро за себе, така што ќе го намали нивниот интензитет или ќе успее да ги пренасочи во позитивни). Целта на просоцијалната емоционална манипулација е да се зголеми позитивниот афект за сметка на негативниот како би влијаело за постигнување на повисоки значајни вредности.
Имајќи го предвид претходно споменатото, можеме да заклучиме дека емоционалната манипулација е психосоцијален конструкт кој индивидуата го усвојува од, за неа релевантни авторитети во текот на нејзиното живеење и учествување во интерперсонални односи. Но, она што може да се каже дека е добро е тоа дека личноста која манипулира може да најде алтернатива за своето поведение со тоа што менталната и емоционална енергија ќе ја пренасочи кон конструктивни и емоционално прифатливи обрасци на однесување.
Зошто некој би сакал да дојде до остварување на своите желби и потреби преку „управување“ со луѓето во своето блиско опкружување? Има ли некое објаснување што го даваат психолозите за ваквиот порив кај манипулативните личности?
-Човекот како живо битие има лични желби и потреби кои се стреми да ги реализира преку поставување на цели во текот на неговото живеење, а многу често постигнувањето на тие цели подразбира да биде дел од интерперсонална комуникација. Мотивите за тоа да некој дојде до реализација на сопствените цели преку манипулација во своето блиско опкржување можат да бидат многубројни.
Луѓето често пати манипулираат со сопствените блиски за да се чувствуваат подобро со себе самите, имаат потешкотии да преземат одговорност за сопствениот живот и тоа дека тие самите се одговорни за истиот. Многу често, емоционалните манипулатори не размислуваат за тоа што им прават на другите. Тие повредуваат други индивидуи затоа што имаат одредени лични слабости кои што се обидуваат да ги сокријат. Од причина што самите не успеваат да ги надминат личните потешкотии, се обидуваат преку манипулација со другиот да дојдат до одреден степен на лична добросостојба. Имајќи предвид дека таквиот личен пристап не овозможува долготрајна добросостојба, тие бараат нова интеракција во своето блиско опкружување во која ќе се обидат повторно да манипулираат на свој, автентичен начин.
Еден од мотивите кој многу често се јавува во интеракцијата помеѓу луѓето и кој произлегува од структурата на личноста е потребата за доминација над некого, покажување супериорност на сопствените квалитети во однос на квалитетите на другиот, па на таков начин може да дојде и до промена на статусот на индивидуата која манипулира. Понатаму, емоционалниот манипулатор ќе се обиде да го минимизира значењето на одредени поведенија кои имаат позитивно влијание врз релацијата со блиските, а кои не произлегуваат од него, па на таков начин ќе се обиде да воспостави нови, свои дефинирања на релациите.
Емоционалните манипулатори се умешни во воочување на слабостите кои ги имаат луѓето. Откако ќе го направат тоа, тие може да се појават во улога на спасител кој ќе изнајде одредени решенија за нивниот проблем, но, тоа често пати е проследено со одредена условеност и потреба за глорифицирање на нивното решение. Карактеристично за емоционалните манипулатири е непреземањето на сопствена одговорност за сопствените негативни постапки во релацијата со партнер, родител, дете, роднина или близок пријател. Честите извинувања од само еден учесник во интерперсоналната комуникација можат да бидат показател за тоа дека е во однос со емоционален манипулатор. Корисно и добро е за односите со блиските да емоционалниот манипулатор го промени сопствениот пристап према нив како и самиот би искусил одредени позитивни работи.
Какви емоции може да се создадат кај втората страна со која се манипулира? Дали улогата на жртвено јагне на манипулаторот може стресно да влијае кај другата личност?
-Најчестата емоција која може да се јави кај индивидуата која е емоционално манипулирана од некој е чувството на вина. Но, доколку емоционалната манипулација е интензивно изразена од некој близок, веќе индивидуата која е манипулирана ќе се посомнева во сопствените постапки и нивната исправност, па дури за очекување е да почне да верува дека самата е виновна за несреќите на другиот. Покрај вината, индивидуата која често пати е во комуникација со емоционален манипулатор може да биде и во состојба на депресија.
Депресијата може да биде резултат како уверувањата на личноста дека никогаш не е способна да направи нешто добро за човекот со кој е во релација (особена блиска), нема доволно способности и капацитети за успешно да реши одредени предизвици, ќе се посомнева во својата човекова вредност како резултат на агресивноста упатена од емоционалниот манипулатор, како и ќе усвои условено прифаќање на себеси (ќе се прифаќа само доколку прави добри работи).
Во однос на когнитивните процеси, човекот може да ја преиспитува вистинитоста, логичноста и моралноста на она што го кажал или направил во односот со некој кој веќе може да се карактеризира како емоционален манипулатор. Самиот процес на преиспитување на себеси, она што е кажано и направено во односот со другиот, само по себе ја зголемува потребата за постојано анализирање и воочување недостатоци, и истото може да биде извор на стрес кој има негативни импликации по целата личност и нејзината добросостојба. Продолжениот стрес за очекување е да резултира со чувство на бес и можност за одредени агресивни манифестации како катарза за психолошката и емоционална напнатост.
Улогата на „жртвено јагне“ која манипулаторот умешно ја прикажува влијае и на тоа да оној кој е манипулиран има доживување дека неговите чувства и грижи не се слушнати и признати.
Што кога емоционалниот манипулатор е некој од нашето работно опкружување, дали неговото однесување може да биде пречка за нечиј кариерен напредок?
-Емоционалните манипулатори ги има во секоја микро и макро средина, па многу за очекување е да ги имаме и во нашето работно опкружување. Стравот од одење на работа затоа што не знаете што да очекувате од претпоставениот кој во еден момент е ментор, лидер, но во друг момент е постојан критикувач, страв да ги споделите вашите мисли и идеи на работен состанок поради можноста да добиете опомена, добивате условена понуда од страна на соработник со цел во иднина да ја вратите услугата, како и многу други слични ситуации, се показател за тоа дека минувате низ емоционална манипулација на работното место. Она што е за очекување е емоционалниот манипулатор да има големо влијание врз вработените и самиот процес на работа.
Работникот кој емоционално манипулира со останатите ќе се обиде да го искористи работниот ден за да постигне професионален успех на начин што ќе влијае врз чувствата на другите и нивните професионални активности и продуктивност. Емоционалниот манипулатор често пати нема директно да укаже кога некоја грешка ќе биде направена, туку напротив, тоа ќе го истакне како нешто кое е ужасно, и индивидуата кон која е насочена реакцијата ќе се посомнева дали нешто кое што е во природата на човекот е нормално или не, а тоа е дека некогаш постапува добро, но, некогаш и греши.
Манипулативното однесување е позитивно поврзано со контрапродуктивно однесување во работата, што значи, доколку се зголемува емоционалната манипулација од страна на вработен/и, ќе се зголемува и непродуктивноста од работењето. Тоа е за очекување затоа што негативните последици кои ги предизвикува емоционалната манипулација кај лицата кон кои е манифестирана, ќе резултираат со чувство на вина, постојано преиспитување на себеси и сопствените постапки, како и појава на несигурност во поглед на правилно реализирање на работните активности, но, за очекување е и целосно повлекување од работата како резултат на недовербата во сопствените знаења и способности.
Покрај тоа, манипулацијата може да предизвика конфликт меѓу соработниците и негативно да влијае на интересите на луѓето со кои се манипулира. Поконкретно, ако манипулативните менаџери ги користат своите вештини за да го добијат она што го сакаат по цена на другите вработени и самата организација, тоа може да има лоши последици. Така, емоционалната манипулација може да стане несакано однесување во одредени услови, особено кога се користи за антисоцијални цели.
Покрај тоа што тие влијаат на целата работна средина и на самите вработени, емоционалните манипулатори можат да влијаат и врз нечие професионално унапредување. Знаејќи ја сопствената некомпетентност неопходна за унапредување, тие умешно се насочуваат кон она што најдобро го знаат (манипулирање со емоциите на другите) како би го постигнале тоа што го посакуваат. Нормално, пак за сметка на нечија емоционалност. Тие би го минимизирале реалниот успех на другиот, би се ставиле во улога на жртва така што би истакнувале дека самите се заслужни за истиот, но, истакнувајќи дека тоа не им е валоризрано по реален критериум.
Како да се справиме со емоционалните манипулатори?
Сознанието дека сме цел на нечија емоционална манипулација е важно да биде проследено со тоа што нема да се обвинуваме самите себеси. Напротив, најпрво да го прифатиме фактот дека сме дел од некој круг на емоционално манипулирање па да најдеме решение како да излеземе од истиот.
Емоционалната манипулација може да остави последици и по менталното здравје на луѓето, да ги доведе во состојба на апатија, анхедонија, депресија, но и да се посомневаат во себеси и своите потенцијали, капацитети и способности. Процесот на градење емоционална интелигенција е од голема важност за нас самите, а тоа подразбира препознавање на сопствените емоции, причините за истите, ситуациите во кои се јавуваат, како и соодветно постапување. Способноста за брзо и соодветно да ги препознаваме и реагираме на емоциите и поведенијата на другите со кои сме во интеракција е предност која ни овозможува да покажеме како се чувствуваме и која стратегија да ја примениме, односно, јасно да го вербализираме она што не ни се допаѓа од страна на другиот а сме дел од заедничка комуникација. Недостатокот од таква способност му овозможува на емоционалниот манипулатор да влије врз нашите чувства и поведенија. Асертивната комуникација е корисна и важна алатка во справувањето со емоционалната манипулација доколку истата ја искусуваме. Таа ни овозможува да ги одбиеме неразумните предлози кои може да ги добиеме од индивидуата која манипулира со нас, јасно да кажеме кои работи не ни се допаѓаат, како и тоа да побараме да бидеме третирани на начин во интерперсоналната комуникација на кој сметаме дека за нас е прифатлив и во која се чувствуваме пријатно.
Човеково право е да се повлечеме од комуникација во која препознаваме манипулативни елементи од страна на другиот. Нормално е и некогаш да не успееме самите да најдеме решение за емоционалните манипулатори кои се околу нас, па затоа, посетата на психотерапевт може да биде од корист за нас.
Терапевтот умее да направи јасна дистинкција помеѓу она што е манипулативно и она што не е, и во самиот тераписки однос да дискутира за тоа што е она што нам ни користи, а што не, како и тоа да ни помогне да сфатиме што е здраво за нашата добросостојба, а што не. Знаењето и објективното гледиште на терапевтот можат да бидат клучни за спречување и справување со емоционалните манипулации доколку ги искусиме во иднина.
Вања Мицевска