Клиниката за детски болести ќе ги отвори вратите за татковците чии деца се хоспитализирани внатре, но ќе стане и пет-френдли место. Ова денеска го најави директорката на детската Клиника, Аспазија Софијанова, во гостување во „Утрински брифинг“.
Иако досега најчесто со болните деца остануваа мајките или женски роднини, а татковците ги посетуваа во текот на денот, Софијанова вели дека ќе се потруди ова наскоро да се промени.
– Јас сум европски ориентиран човек и верувам дека ќе ја срушиме стигмата да се дозволи престој на татковците со децата во Клиниката. Предност им се давала секогаш на мајките најмногу поради доењето и потребата на бебето и детето од мајката, но ќе се потрудиме да не ги дискриминираме и татковците. Има самохрани татковци до кои сакам да упатам посебна почит за вложувањето што го даваат за да ги израснат децата. Ќе се потрудам од оваа позиција која ја имам да ги променам работите. Со министерот Филипче ќе имаме креативни разговори, вели Софијанова.
Освен за татковците, Клиниката би била отворена и за детските миленичиња.