За околу една година штипскиот стадион треба да добие нова западна трибина – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/20 2:43 PM

За околу една година штипскиот стадион треба да добие нова западна трибина

За околу една година штипскиот градски стадион треба да добие целосно нова западна трибина со 2400 седишта. По оваа, која ќе се гради со околу 1,5 милиони евра обезбедени од УЕФА, општината со свои средства ќе треба да ја изгради источната трибина.

Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и в.д градоначалникот на Штип, Миланов, денеска го потпишаа договорот со кој се регулираат меѓусебните права и обврски во врска со изградбата на оваа западна трибина.

Општина Штип нема финансиски обврски за изградбата, но нејзина обврска ќе биде одржувањето откако трибината ќе биде изградена.

– Средствата се обезбедени преку ФФМ, така што овој договор е последен чекор после оние обемни активности за изработка на техничката и правна документација. Обврските се точно дефинирани, општината нема обврски во делот на инвестирање, меѓутоа ќе има обврски во делот на одржување, времени приклучоци за електрична енергија, за вода и канализација додека трае изградбата. Општината ќе биде одговорна за комплетно одржување на стадионот откако ќе биде изграден, од инфраструктура па до одржување на теренот, рече денеска в.д градоначалникот Миланов.

Претседателот на ФФМ нагласи дека трибината ќе има 2400 седишта, во три етапи и со своја ВИП зона. Под трибинскиот простор ќе бидат соблекувалните.

– По потпишувањето на договорот би требало во најкраток можен рок, не би требало да биде голема процедура, некаде за две недели  да се избере и фирмата која ќе гради. Можно е тоа да се случи и пред Нова година, вели Сејдини.