Бобо Дајнерс, сопругот на Шеќеринска, стана единствен сопственик на Динерс Клуб Интернационал МАК – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/20 1:55 PM

Бобо Дајнерс, сопругот на Шеќеринска, стана единствен сопственик на Динерс Клуб Интернационал МАК

Божидар Јанковски, сопсругот на министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, ги купи уделите од Ерсте Кард Клуб д.о.о. Загреб, Хрватска, со што стана единствен сопственик на финансиското Друштво Динерс Клуб Интернационал МАК ДООЕЛ.

“Ова е исклучително признание за работата на Динерс Клуб во нашата земја. Заради одличните резултати на менаџментот на компанијата во изминатите 20 години, ја добивам оваа ретка можност како приватно лице да бидам сопственик на компанијата која продолжува да работи под франшизата на Diners Club International Ltd. Приоритети во блиска иднина се воведување на нови можности и продукти на што веќе работиме, а целосно сме посветени и на забрзан развој на дигитализација на нашите услуги и производи“- истакнува во соопштение Божидар Јанковски, Извршен директор на Динерс Клуб Интернационал Македонија.

Истовремено, за прв пат Динерс Клуб Интернационал МАК ДООЕЛ станува директен сопственик на франшизата, со склучување на франшизен договор со Diners Club International Ltd. како компанија за директни банкарски и платежни услуги во сопственост на Discover Financial Services (NYSE: DFS), еден од најпознатите брендови во финансискиот сектор на САД. Со тоа Динерс Клуб Интернационал МАК ДООЕЛ Скопје го презема ексклузивното право за издавање на Динерс Клуб картичка, како и можноста за понатамошен развој и работење на брендот во Република Северна Македонија.

По промената на сопственоста, нема да има промени во името и седиштето на компанијата, како и во обврските на компанијата. Не се менуваат ниту договорните обврски и права на и кон клиентите и коминтентите, стои во соопштението од компанијата.

Динерс Клуб Интернационал МАК, веќе 25 години работи на македонскиот пазар. Динерс Клуб е првата кредитна картичка која е достапна за корисниците во нашата земја. Од март 2017 сопственик на Динерс Клуб Македонија беше Ерсте Кард Клуб доо Загреб.

Денес, Динерс Клуб Интернационал МАК има корисничка база од над 15.000 активни корисници на пазарот во РС Македонија, богато портфолио на производи и ко-брендирани картички, 24 часовна корисничка поддршка, над 3000 продажни места во земјата, каде што може да се купува на рати.