МД „Илинден”- Тирана отпечати брошура со сите резолуции изглaсани од ФУЕН за правата на Македонците во Албанија – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/20 1:14 PM

МД „Илинден”- Тирана отпечати брошура со сите резолуции изглaсани од ФУЕН за правата на Македонците во Албанија

По повод Светскиот ден на човековите права македонското друштво „Илинден” од Тирана издаде брошура во која се опфатени текстовите на сите резолуции усвоени од Федералната унија на европските националности (ФУЕН) а предложени од друштвото.

– Излезе од печат брошурата во која се сместени сите досега поднесени резолуции од нашето друштво и изгласани од страна на ФУЕН, каде сме полноправна членка. Истата е испечатена на македонски, албански и англиски јазик. Имајќи го во предвид фактот што оваа брошура излегува за првпат, а особено што е испечатена тријазично, веруваме дека ќе одговори на секој заинтересиран за темата која се обработува во неа и ќе ги најде најосновните информации, за МИА изјави Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Тој додава дека со резолуциите, кои ФУЕН ги доставил до албанската влада и до други меѓурадни организации, од албанската влада се бара остварување на одредени легитимни права на припаднците на македонското малцинство.

– Меѓу другото, се бара Владата на Република Албанија да ја потпише и ратификува Европската повелба на Советот на Европа „за регионални и малцински јазици”, да се признае македонското национално малцинство во Голо Брдо, Гора и на целата територија на Република Албанија, настава на мајчин македонски јазик во државните училишта во областите Голо Брдо, Гора и на оние места каде што живее значителен број припадници на македонската етничка заедница.Се бара исто така во сите општини каде што живеат повеќе од 20 отсто Македонци, покрај албанскиот, официјален да биде и македонскиот јазик, посочува Ѓурѓај.

Брошурата е отпечатена во тираж од 200 примероци, благодарение на помошта од страна на Александар Пасков од Швајцарија за што друштвото искажува голема благодарност.

Македонското друштво „Илинден” е рамноправен член на ФУЕН од мај 2015 година и е првото друштво на Македонци надвор од матичната држава што е рамноправен член со право на глас.

МИА