Штипската Клиничка болница набави 15 боци за медицински кислород. Дел од нив се добиени од донатори, а дел се платени од самата болница, со вкупна цена од околу три илјади евра. Болницата како што информираше директорот Ален Георгијев, во месецов што измина имала блага зголемена потрошувачка на кислород во однос на октомври.
– Во октомври имавме околу 14 тони потрошувачка, а ноември го завршивме со 15 тони. За декември ќе видиме, но немаме проблеми во испораката или бројот на боци и регулатори и се надеваме дека така ќе остане и понатаму, вели Георгијев.
Во однос на неговата неодамнешна изјава дека „полни боци се изнесуваат надвор од Инфективното одделение како да се празни“, директорот денеска вели дека нема спроведено истрага и не смета дека требало.
– Значи тоа го кажа оној кој е задолжен за тоа – шефот на техничката служба. Се има случено боците кои се симнуваат да не се истрошени до крај. После тоа сме немале таква ситуација, така да можно е тоа да било и технички пропуст. Кој работи и греши, сметам дека не требаше да спроведуваме истрага само да спомнеме дека тоа е така, бидејќи го имам како пишан документ дека се случило. Дали тоа е технички пропуст или не, завршило тогаш, оттогап наваму наваму немаме таков тип на случки и се надевам дека натаму нема да ги имаме, вели директорот Георгијев.
Освен 15 регулатори за кислородните боци кои болницата ги набавила, од три општествено одговорни фирми добила и дополнителни 25 регулатори. Според директорот, болницата е спремна за евентуално зголемување на бројот на пациенти.