Гости нема, а само на хартија ги враќаат вработените за да земат помош- Хотелиерите од Охрид и Струга разочарани од „итарпејовските“ мерки на државата – ММС
ММС

Објавено на: 12/10/20 9:55 AM

Гости нема, а само на хартија ги враќаат вработените за да земат помош- Хотелиерите од Охрид и Струга разочарани од „итарпејовските“ мерки на државата

Хотелиерите од Охридско- струшкиот регион сметаат дека државната помош во минимални плати не е доволна за пребродување на оваа криза, која ја предизвика пандемијата со ковид- 19. Дополнителен проблем е што голем дел од хотелиерите, не добија минималната плата за октомври, затоа што еден од условите на државата беше, дека ќе мора да остане истиот број на вработени, кој го имале и во претходните месеци. Тоа значеше дека ќе мора да ги вратат назад на работа сезонските работници, кои ги вработија само во текот на летото и во така кратката туристичка сезона. Државата не одговори позитивно на нивното барање за изземање на овој услов, па беа принудени тоа да го направат само на хартија, бидејки работа нема, а поголем дел од хотелите веќе ставија и клуч на врата.

„Во четвртиот сет на мерки, во делот на добивањето на минимални плати за  октомври, ноември и декември, не се согласувавме со тоа што требаше да се задржи бројот на вработени на определено и неопределено време. Се сметаа и едните и другите од август, а август ни беше единствен месец во 2020 година, кога имавме туристичка сезона. И во тој период имавме дополнителни вработувања на определено време. По основ на оваа мерка, ние сега сме принудени да имаме нови вработувања, само за да ја имаме истата бројка на вработени. Имавме неколку дописи до институциите, но немаме позитивен одговор на тие дописи. Ни беше речено само дека една од тие мерки беше дадена, за да не се отпуштаат вработените од работа“,вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ, хотелска асоцијација на Македонија.

Државата не одговори позитивно на барањето на хотелиерите за изземање на овој услов, па и покрај вработувањето само на хартија, поголем дел од хотелите веќе ставија и клуч на врата, бидејќи работа нема.

„Многу хотели во октомври не ја добија таа помош, па беа затекнати, а тоа беше многу значителна помош во овој период. Еден од колегите ги нарече  итарпејовски мерки. Може точно да се заклучи што се мисли со тоа итарпејовски мерки. Сите сме во тешки моменти, но на крајот, чесноста е во тоа да се исполнат работите.  Хотелите на ривиерата се празни. Има малку гости. Искористеноста на капацитетите е помала од пет проценти, а ние вработуваме луѓе. Најголемите хотели неможе ниту да издржат со нови вработувања во овој период. Сега со ова ние ќе мора да ги задржиме на работа и оние кои ги вративме и тоа заклучно со февруари. А тоа се месеците кога немаме работа“, вели Блажески.

Заменик премиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, рече дека една од целта на условите поставени за мерката за добивање на минимални плати, била да се задржат сите вработени.

„Ние мора да покажеме дека човечкиот капитал е клучен. Дека тој е вреден. И ние мора да зачуваме колку што е можно повеќе работни места. На крај субвенционирањето на секое едно работно место е да им се помогне на стопанствениците да го преминат овој тежок период“, вели Битиќи.

Хотелиерите велат дека изминатава туристичка сезона била најслабата до сега, по 2001 година. Остварените приходи биле само околу 20-30 проценти од заработувачката изминатите години. А платите за вработените, велат дека се само околу 30 проценти од вкупните нивни трошоци.

„Неможе да се каже дека угостителите направија некои средства ова лето за да ја покријат целата година.Тоа ни одблиску не се случи. Сезоната почна околу 15 јули и траеше цел август. Со ова ние се вративме пред десет-петнаесет години кога туристичката сезона ни траеше само 45 дена. Наредните години ќе бидат тешки години за хотелиерите. Сега нема да има хотел, што нема да покаже загуби оваа година, без разлика дали се работи за хотел на охридската ривиера или се работи за градски хотел“, додава Блажески.

-Веднаш по самата криза во март, нашата компанија изработи оперативен план.Ние се раководиме според него. Моменалната конструкција со хотелите е со комерцијални кредити. Кредити имаме земено и од Македонската банка за обнова и развој. Но, тие кредити на долг рок, нема шанса да се враќаат, доколу догодина од март не почне кризата да се нормализира. Ние за октомври, не успеавме за само десет вработени да ја земеме помошта во минимални плати. Нас планот ни беше во август и септември да изработиме доволно добро, за да може да покриеме дел од трошоците. Но, кај нас трошоците во огромен дел, околу 70 проценти  се фиксни, од кои најголем дел припаѓаа на плати на вработените. Тешко опстануваме сега, бидејки приходите ни се на нула “, вели Филип Мишевски, менаџер на два големи хотели.

Мишески очекува во јуни ситуациите да се подобруваат, но, дека комплетно заздравување на туризмот се очекува дури во 2026 година.

„Се надеваме дека од март, како што ќе се стабилизира ситуацијата со корона кризата и со вакцините, ќе добиеме некој инпут, па од јуни да почнеме да се консолидираме финансиски“, додава Мишески.

Хотелиерите очекуваат да им биде вратена и туристичката сезона која ја платиле минатата година.

„Државата ни даде само три минимални плати.Требаше да ни ја врати и уплатената минатогодишна туристича такса и таа е една од работите за кои се бориме сега. А дека е доволна минималната плата како помош не е доволна. Но, ако одбереме од две зла, го одбираме помалото зло. Нашиот ќар од оваа година не е ниту 20 проценти. Сите сме во минус. Оваа туристичка сезона имавме само  40 дена работа. Сега со 40 дена работа, треба десет месеци да чекаме и да плаќаме сопствени средства и сопствени кредити за да ја задржиме ликвисноста на фирмата и тековните трошоци“, вели Муса Рашид сопственик на хотел во Охрид.

Дополнителен проблем е што најголем дел од хотелските капацитети покрај Охридското езеро нема да работат ниту за новогодишните празници, кога се полнеа со гости најмногу од соседните држави.

Мики Трајковски