Претседателот и премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ, се согласиле Хрватска да биде претставувана од Словенија на состанокот на Европскиот совет, соопшти вчера кабинетот на хрватскиот претседател, пренесуваат хрватските медиуми.
Пленковиќ го известил Милановиќ дека не може да учествува на состанокот на Европскиот совет и му предложил на Милановиќ да ја претставува Хрватска. Милановиќ, пак, му предложил на Пленковиќ Хрватска да биде претставена од Словенија, врз основа на претходни примери за добрососедска соработка на пријателски земји во такви ситуации.
Хрватска ќе биде претставувана од словенечкиот премиер Јанез Јанша на самитот на ЕУ во четврток, објави Пленковиќ претходно вчера на онлајн-седница на Владата. Хрватскиот премиер нема да присуствува на состанокот бидејќи е продолжена неговата ковид-изолација.
Денес и утре во Брисел се одржува физички самит, кој ќе биде посветен на унгарската и полската блокада на европскиот буџет и планот за закрепнување, односите со САД и пандемијата на Ковид-19.