Актерите го чистеа ѓубрето на Клиничкиот центар, од „Комунална хигиена“ се на праг на решавање на проблемот (Галерија) – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/18 10:10 AM

Актерите го чистеа ѓубрето на Клиничкиот центар, од „Комунална хигиена“ се на праг на решавање на проблемот (Галерија)

Решавањето на проблемот со ѓубрето во дворот на Клиничкиот центар во Скопје, актерите решија да го преземат во свои раце. Претпладнево тие спроведоа акција за чистење, која беше организира вчера преку социјалните мрежи. Откако информацијата доби медиумско внимание, утринава на Клинички чистеше и ЈП „Комунална хигиена“.

Екипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ги претркаа актерите кои организираа акција за чистење на дворот на Клиничкиот центар во Скопје. Откако вчера се организираа преку социјалната мрежа Фејсбук, тие денеска  околу 10 часот пристигнаа во Клинички со ракавици и црни ќеси, но во дворот претходно веќе чистеа екипите на „Комунална хигиена“.

Актерката Сања Арсовска што ја иницираше акцијата вели дека не сакаат да се натпреваруваат со јавни претпријатија, туку да бидат општествено одговорни.

„Ја правиме акцијава  како актери, зашто сезоните во театрите завршија и решивме  да го искористиме слободното време за да бидеме општествено одговорни. Целта е да ја поттикнеме совеста кај несовесните граѓани и нивната одговорност кон  животната средина. Ќе направиме ревизија на тоа што го направила Комунална хигиена, ако завршиме за бргу време ќе се префрлиме на друго место. Нашата цел е ние како уметници да ја поттикнеме  поглемата еколошка свест кај граѓаните“, додаде таа.

Решавање на проблемот со хигиената во дворот на Клинички денеска ветија и директорот на  „Комунална хигиена“ Скопје, Абдусамед Шабани и заменик-министерот за здравство, Асим Муса.

„Имавме еден координативен состанок со заменик-министерот за здравство и сите ќе се залагаме да најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот со одржувањето на хигиената во дворот на Клинички центар. Со помош и на другите јавни градски претпријатија, во координација и со градоначалникот на Град Скопје ќе најдеме заеднички јазик за решавање на проблемот“, рече Шабани.

Тој додаде дека денеска ги посетил своите вработени кои го чистеа дворот и најави дека акцијата ќе продолжи и утре поради помалата фрекфенција на луѓе и возила. Шабани рече и дека вакви повремени акции ќе има и во иднина, без разлика дали се или не се обврзани, бидејќи, како што потенцира и покрај проблемот совеста не им дозволува да не го чистат Клиничкиот Центар.

„На праг сме на решение на оваа на состојбата. Тие секогаш изразуваат доба волја да ни помогнат и покрај тешкотиите што ги имаат, но, како што рече и директорот на ова претпријатие на праг сме на решавање на актуелниот проблем“, истакна Муса.

За денеска беше најавена и прес конференција на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на Клиничкиот центар, но потоа преку соопштение за медиумите неговиот кабинет извести дека посетата е откажана.