Вардар во финишот ги загуби трите бода против Шкупи, Академија Пандев се врати на победнички патеки – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/20 6:30 PM

Вардар во финишот ги загуби трите бода против Шкупи, Академија Пандев се врати на победнички патеки

Фудбалската среда во шеснаесеттото коло во ПМФЛ не донесе премногу резултатски изненадувања. Мечот на денот без сомнение се одигра во Скопје помеѓу екипите на Шкупи и Вардар, дуел кој на почетокот на 20 век во Македонија честопати беше вреден титула во лига или куп и го носеше епитетот дерби.

Вардарци несигурно го започнаа двобојот и во првите 20 минути имаа потешкотии во изнесувањето на топката и справувањето со делумниот притисок на противникот. Сепак првото полувреме остана без поголеми возбудувања и шанси и дуелот беше решен во последните 15 минути.

Вардар преку Дарко Мицевски дојде до посакуваната предност од белата точка во 77 минута и свесно се повлече на својата половина, чекајќи ја својата шанса на играта од контра или полуконтра. Момците на Васовски ја добија таа шанса, но не успеаја да ја реализираат преку Цветановски кој успеа да го промаши она кое тешко се промашува. Непишаното правило во фудбалот уште еднаш се оствари во пракса, откако најдобриот стрелец во лигата Дарбо го израмни резултатот во последните моменти од мечот одигран на неутрален терен.

Овој бод Шкупи го остави на втората позиција на табелата со 32 бода на своето конто, додека пак Вардар ја зголеми предноста над Ренова на осмата позиција со 21 освоен поен.

Од останатите резултати во 16-тото коло, Академија Пандев се врати на победнички патеки и со головите на Радески го совлада Борец од Велес со 2:1. Македонија ЃП со истиот резултат го порази Пелистер, а Работнички со 3:1 рутинирано славеше над Ренова. Првопласираната Шкендија исто така на лесен начин издвои победа од 2:0 над убедливо последната Беласица. Во Кратово и на многу тежок терен и услови за играње, Силекс и Струга Трим-Лум ги поделија бодовите во мирољубиво реми од 0:0.