(ВИДЕО) Четвртиот судија Колтеску се соочува со бан од 10 мечеви после хаосот во Париз – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/20 5:47 PM

(ВИДЕО) Четвртиот судија Колтеску се соочува со бан од 10 мечеви после хаосот во Париз

Натпреварот во Париз помеѓу ПСЖ и Истанбул Башахшекир во последното коло во групната фаза во Лигата на Шампионите вчеравечер беше прекинато во 13-тата минута. Временските услови беа одлични за игра, трибините беа испразнети, а со тоа и потенцијалната можност за непристојно и неспортско делување на фановите, но сепак дуелот не се одигра.

Причина за тоа е повлекувањето на фудбалерите од Истанбул од теренот на „Паркот на принцовите“ поради расистички испад на четвртиот судија на мечот, Себастиан Колтеску. Романецот е обвинет за расистички говор упатен кон асистентот на гостите, поранешниот камерунски репрезентативец, Пјер Вебо.

Фаулот на Преснел Кимбембе предизвика реакција на клупата на Турците, а од таа реакција произлезе нешто многу подлабоко и нешто против кое УЕФА од „петни жили“ се обидува да го искорени. Колтеску, однесувањето на Вебо го окарактеризирал како несоодветно и му се обратил на главниот арбитар со зборовите: „Црниот тука, оди и провери за кого се работи. Црниот да, не може да се однесува на овој начин“.

 

Клупата на Истанбул инстантно реагираше на овие зборови и влезе во директна конфронтација со делегатите на УЕФА и судиите на овој дуел. Од турскиот стручен штаб падна одлука за повлекување од натпреварот. Играчите на францускиот шампион се солидаризираа со своите колеги и решија да не продолжат на теренот додека не се преземат некакви мерки и четвртиот романски судија не биде отстранет.

УЕФА уште вчера во доцните часови делигираше нови делители на правда за двобојот кој ќе се одигра вечерва од 18:55 часот. Покрај тоа, УЕФА покрена и истрага за случувањата во Париз и доколку наодите се испотават како точни, Колтеску ќе добие минимум 10 меча забрана за судење во европските натпреварувања.

Членот 14 во последното издание на дисциплинските мерки и процедури на УЕФА гласи дека секој што ќе го повреди човечковото достоинство, вклучувајќи ја расната, религиската, етничката, или сексуалната ориентација, ќе се соочи со минимална суспензија од 10 или повеќе мечеви.

Од УЕФА уште еднаш нагласуваат дека расизмот или било која друга форма на дискриминација немаат место во фудбалот.

 

 

Фото:

skysports.com