Мицкоски ја обвини Владата дека ги имала најлошите 100 дена во историјата, повторно побара лидерска средба и оставки – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/20 4:13 PM

Мицкоски ја обвини Владата дека ги имала најлошите 100 дена во историјата, повторно побара лидерска средба и оставки

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска на прес-конференција ја обвини Владата дека откако се формирала имала „100 дена фијаско“ со низа на промашувања, криминал и неуспеси. Тој повторно побара лидерска средба на која ќе се зборува за актуелните состојби во државата.

– Ветуваа живот а после оној предизборен инжирениг  во избори во кои што се служеа се, само не со предизборна програма уценуваа, се закануваа, поткупуваа,  менуваа закони, буквално се, само не со политичка платформа, составија влада со ветување  „Можеме повеќе, можеме подобро“, а за само 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка втор ТАТ афера тешка 200 милиони евра, поскапи електричната енергија, 1400 животи се загубија поради отсуство на стратегија и акутната неспособност во здравството.Во Македонија се умира поради тоа што здравствениот систем е отруен од инфицирачка неспособност да се менаџира со него, рече Мицкоски.

Тој вели дека граѓаните со Заев добиле само загуби, а „круна“ на загубите било последното вето за ЕУ.

– Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето кој не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и неговата „домат“ меѓународна политика. После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина. Ја лажеше јавноста дека ќе има европска иднина, се откажа од Македонија, и продолжи со скандалозното интервју на бугарскиот медиум да се откажува од идентитетот. Тоа и де факто не му успеа затоа што се случи народ. Овој пат народот и ние заедно со него, сите заедно, оние кои беа со нас на улиците, но и оние кои не поддржуваа во своите срца успеавме да ги откажеме од намерата да се откажат и да го распродадат македонскиот идентитет. Успеавме сите заедно, народот успеа да одбрани менување на менување на историјата, откажување од нашето право на антифашистичката борба, народот одбрани ретуширање на историјата и прикажување на фашистите за ослободители. Тоа е заслуга на народот. Но и доказ секогаш кога сме обединети и кога треба, народот се обединува и се исправа пред секој предизвик, рече Мицкоски.

Тој повторно ја актуелизираше потребата од лидерска средба на која би се разговарало за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во државава.