- Да се инвестира во време на криза како корона пандемијата е голема храброст. Компаниите да продолжат со планираните вложувања, а државата е тука, веднаш зад нив, да ги поддржи. Само ако се делува заеднички, економијата ќе може да закрепне и да достигне двојно поголем раст, од 2,5 проценти во изминатиот период на пет отсто во наредните години, беше речено на денешната промоција на јубилејниот 10. Каталог на 100-те најуспешни компании што го изготвува Стопанската комора на северозападна Македонија.
На манифестацијата на која присуствуваа премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, првиот вицепремиер, Артан Груби, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, претседателот на Трговската комора од Тирана, претседателот на Стопанската комора од Косово, претседателките на МАСИТ и на ССК, претставници од дипломатскиот кор и бизнисмени, беше истакнато и дека стоте најдобри компании содржани во Каталогот, минатата година оствариле над 900 милиони евра промет што е раст од 20 отсто во однос на 2018 година, додека само првите десет постигнале 384 милиони евра промет и реализирале 66 милиони евра нето добивка што е 17 отсто повеќе од 2018 година.
Како што истакнаа премиерот Заев и министерот Бесеими, кризата не учи дека сам никој не може ништо. Затоа е неопходна соработка, постојана комуникација и доверба.
Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, оваа година завршува со големи нејаностии од аспект на КОВИД и неизвесно е што ќе следи.
-Годината не соочи со предизвик кој современата цивилизација досега не го познаваше. Пандемијата не поштеди никого. Но, лидерските способности најдобро се докажуваат во кризни времиња. Станавме критичен глас на бизнисот за да се дефинираат барањата на комапниите, како и канал за комуникација меѓу нашето членство и Владата. Се гордееме со фактот дека сме синоним за чадор кој го згрижува бизнисот, но истовремено сме и партнери и критикувачи на Владата за создавање подобра бизнис клима во земјава, истакна Хоџа.
Тој подвлече и дека СКСЗМ оваа, 2020-та, одбележува 15 години од основањето и 10 години од манифестацијата „Топ 100″.
МИА