Со наследен тоталитарен историски наратив, РСМ нема да добие поддршка од Бугарија, велат од бугарското МНР пред денешната средба на Бучковски и Захариева – ММС
ММС

Објавено на: 12/9/20 11:52 AM

Со наследен тоталитарен историски наратив, РСМ нема да добие поддршка од Бугарија, велат од бугарското МНР пред денешната средба на Бучковски и Захариева

На само еден час пред средбата меѓу бугарската министерка за надворешни работи Захариева и специјалниот претставник назначен за Бугарија, Владо Бучковски, бугарското МНР преку соопштение порача дека нема намера да ја поддржи државава се додека има „наследен тоталитарен историски наратив“.

Од таму порачуваат дека е време македонската влада да се откаже од „манипулативната“ теза дека Бугарија го оспорувала правото на самоопределување, идентитетот на граѓаните и правото да го нарекуваме јазикот како што сакаме.

Министерството наведува дека Бугарија е најсилниот и најискрениот поддржувач за европската интеграција на земјите од Западен балкан, вклучувајќи ја и С.Македонија, но дека тие јасно го изразиле својот став зошто не можат да дадат одобрување за почеток на првата Меѓувладина конференција до крајот на 2020 година.

– Предлозите на Бугарија за вклучување во Рамката за преговори се засноваат на јасни преседани, но за жал сегашното претседателство не разговараше за нив. Тие исто така се во согласност со заклучоците на Советот на ЕУ од 25 март 2020 година, кои ја нагласуваат важноста за постигнување опипливи резултати и добронамерна имплементација на билатералните договори на РСМ со Бугарија и Грција, како дел од процесот на проширување, се наведва во соопштението.

Според нив во оваа фаза нацрт-рамката за преговори не ги содржи гаранциите кои Бугарија ги бара за да ја одобри преговарачката рамка, па најавуваат дека ќе продолжат со конструктивни напори и за време на следното претседателство со Советот на ЕУ.

– За жал последната година РСМ се потпре на дипломатска и медиумска кампања за дискредитација на позициите на Бугарија и многупати на јавноста и беа презентирани лажни информации за бугарската позиција, категорични се од бугарското МНР.

Потенцираат дека Бугарија „не прифаќа афирмацијата на идентитетот на граѓаните на РСМ да се изврши во конфронтација со соседните земји и на штета на нивните национални интереси“.