Светскиот економски форум – WEF, односно Самитот во Давос кој секоја година во јануари се одржува во Швајцарија, поради пандемијата на Ковид-19 ќе биде одржан од 13 до 16 мај 2021 година во Сингапур, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на WEF се наведува дека Годишниот посебен состанок во 2021 година ќе биде одржан од 13 до 16 мај во Сингапур.
Наведено е дека состанокот во Сингапур ќе биде ‘прва глобална активност на лидерите’ во врска со надминувањето на пандемијата на Ковид-19.
Се наведува и дека дополнително ќе бидат соопштени деталите од Самитот во Сингапур.
„Овој состанок лице в лице, ќе ги собере лидерите и ќе се фокусира на пронаоѓање на решение за најитните проблеми во светот“, се наведува во соопштението.
Основачот на Светскиот економски форум Клаус Шваб во врска со самитот во Сингапур изјави дека глобалниот самит на лидерите е од клучна важност за да се сфати како може да дојде до опоравување во време на пандемијата.
Шваб наведе дека Светскиот економски форум во Сингапур ќе биде можност претставниците на деловниот свет, властите и невладиниот сектор да се соберат прв пат лице в лице од почетокот на пандемијата.
Секоја година на Самитот во Давос се собираат околу три илјади претприемачи, политичари, интелектуалци и претставници на невладиниот сектор од речиси 120 земји.