Внатрешна миграција – градовите ги голтнаа селата – ММС
ММС

Објавено на: 07/13/18 7:57 AM

Внатрешна миграција – градовите ги голтнаа селата

ММС, 13.07.2018

За половина век, од 1953 до 2002, бројот на жителите, на пример, во селата на 11-те општини во брегалниниот нов попис сигурно ќе поврди продолжување на тој загрижувачки процес, а во последните две деценичкиот регион опаднал од 100.000 на 60.000, на осумте града се зголемил од 35.000 на 120.000, долгоочекуваи внатрешната миграција во Македонија значително се зголемува и на релацијата помали градови – Скопје, поради што познавачите сметаат оти треба да се преземат квалитетни долгорочни мерки за да се спаси она малку што остана за спасување

Пишува: Љупчо Шатевски

Иако во последните десет-дваесет години најчесто зборуваме и сме загрижени за надворешната миграција, односно за масовното заминување главно на млади луѓе и семејства во странство, проблемот е можеби уште посложен со внатрешната миграција, односно со иселувањето на населението од руралните во урбаните средини, кој трае со децении, а веќе подолго време загрижувачки размери земаат и преселбите од помалите градови кон Скопје. Упатените велат дека внатрешната миграција поради континуитетот и повеќеслојноста е дури поопасна од надворешната, која е главно поради економски причини.

Внатрешната поопасна и од надворешната миграција?

А за колку масовен и континуиран процес станува збор покажуваат, на пример, и податоците за источниот (брегалничкиот) регион, еден од најпогодените со вантрешната миграција. Со пописот на населението од 1953 година во 209-те села во регионот живееле 100.000 жители, а во осумте града само 35.000. Со последниот попис од 2002, во градовите имало 120.000, а во селата само 60.000. Во сите општини во регионот бројот на руралното население е значително опаднат – во Штип од 11.000 на 4.000, во Делчево од 14.000 на 5.800, во Пробиштип од 12.000 на 6.000, во Берово од 10.000 на 7.000, во Пехчево од 4.600 на 2.300, во Македонска Каменица од 5.000 на 3.000, во Виница од 12.300 на 9.000, во Кочани од 13.000 на 10.000, во Карбинци од 7.640 на 4.000…

 

Во многуте осоговски села останаа само старци

– Живеевме во сиромаштија, во една соба бевме сите девет деца и мајка ми, а татко ми тогаш почина. Во немаштија тогаш живуркаа сите осоговски села, но беа полни со луѓе. Само во селата на кочанскиот дел на Осоговијата пред шест децении бевме 7.000 луѓе, колку што тогаш имаше градот Кочани. Но, почна масовното иселување. Во 1948 година државата нѝ ги зеде козите, пет години подоцна не нѝ ги попишаа шумите. Тогаш почна и индустријализацијата во градовите, па овој убав планински крај се испусти – раскажува Глигор Димитров од осоговското село Полаки.
Селото пред шест децении имало повеќе од 1.100 жители, а сега се само педесетина, сите стари луѓе, кои живеат во триесетина се‘ уште активни куќи. Далечината, немањето патишта, инфраструктура, затворањето на некогашните земјоделски задруги и други капацитети, како и немањето соодветна здравствена заштита си го направиле своето.

Иселувања во бранови, се враќаат само пензионери

Во Делчевско, пак, пред шест децении имало шест села со повеќе од 1.000 жители – Вирче, Град, Разловци, Звегор, Тработивиште и Габрово, а сега нема ниту едно.
– Првиот поголем бран на иселување од Делчевско и од Пијанец беше од 1955 година, кога со спогодба на владите на Турција и на СФРЈ, се иселија многу турски семејства, меѓу кои имаше и многу потурчени Македонци. Неколку години подоцна дојде нов, уште поголем бран откако почна индустријализацијата на Делчево, па илјадници луѓе заминаа на работа во градот. Прво таму само работеа, попладне се враќаа дома, а подоцна во градот почнаа да купуваат станови или плацови за куќи. Во последните години има повратници во селата, но тоа се речиси исклучиво пензионери, кои становите во Делчево, Кочани, Штип или во Скопје им ги оставаат на децата, а тие се враќаат на родните огништа – истакнува пијанечкиот хроничар, Димитар Узунски.

Со 3.240 жители Блатец во 1953 година за 200 луѓе бил поголем од соседната Виница

—————————————————–
МНОГУ СЕЛА ОСТАНАА БЕЗ НИТУ ЕДЕН ЖИТЕЛ

Дури 147 места во различни подрачја на Македонија останале целосно празни. Од 209 села во брегалничкиот регион, од 1953 до 2002 без жители останале 17, во 85 бројот на жителите е помал од сто, во 36 е под 20, па некои од нив веројатно по последниот попис од 2002 се доиспразниле. Во 1953 година само 15 села биле со помалку од сто жители и неколку со под 20. Во 2002 година само четири села во регионот имале повеќе од 2.000 жители – беровско Русиново (2.100), Зрновци (2.220), пробиштипско Злетово (2.480) и кочанско Оризари (3.770). Најголемо село во 1953 година бил винички Блатец, кој тогаш имал 3.240 жители, во 2002 останал со 1.600, а сега и тој број е намален.
Додека селата се празнеа, во градовите никнуваа цели населби со доселеници. Во Кочани – Усова Чешма, Белско Маало, Лешко Маало, во Делчево – Милково Брдо, во Штип – Три Чешми, Балканска, Македонка. Во Штип пред четири-пет децении никна и населбата Баби, која со повеќе од 6.000 жители е како мал град, голем колку Берово или Кратово. Ја изградија луѓе од штипските и од други села во регионот дојдени на работа во некогашните големи индустриски капацитети.
—————————————————-

Во исто време, бројот на жителите во градовите во регионот од 1953 до 2002 година се зголемил за 3,5 пати. Штип нараснал од 14.000 на 44.000 жители, Кочани од 8.000 на 28.000, Виница од 3.000 на 10.500, Делчево од 3.000 на 11.500, Берово од 4.000 на 7.000, Пехчево од 1.750 на 3.250. А во тој период од мали населби рудниците создадоа градови со 10.000 и со 5.000 жители од Пробиштип и од Македонска Каменица. Помалку или повеќе, состојбата е слична во речиси сите други македонски региони, а кога ќе се реализира долгоочекуваниот нов попис на населението, сигурно ќе се констатира уште полоша состојба.

Треба да се користат позитивните искуства од Словенија, Германија…

– За жал, миграцијата село-град е процес што трае одамна. Најексплозивен, иако го имаше и пред тоа, беше кон крајот на седумдесеттите и во почетокот на одумдесеттите години на минатиот век, во времето на брзата индустријализација и урбанизација на градовите, кога во нив се отвораа поголеми фабрики и други капацитети, а масовната миграција од руралните кон урбаните средини беше дополнително поттикната од немањето соодветна инфраструктура во селата, тешкотиите за пристап до здравствени, образовни и други установи, создавањето негативни стереотипи за селото… Миграцијата село-град и денес е актуелна, а во последните две декади се јави и нова, слична – миграцијата од помалите градови кон Скопје, македонската метропола, која има рапиден пораст на населението, во која се сконцентрирани сите административни услуги, речиси сите ресурси – вели д-р Страшко Стојановски, професор по социолигија на Правниот факултет на УГД.
И тој смета дека за надминување на загрижувачките состојби не се потребни краткорочни, како што се прави кај нас, туку долгорочни мерки.
– Мора да се изградат потрајни, долгорочни политики на десет, 15 и на повеќе години, а не адхок-мерки како таа за враќање на село на претходната влада или актуелните. Потребна е и суштинска децентрализација, поголема автономија и многу повеќе средства за општините и регионите, кои со симболичните средства со кои располагаат не можат речиси ништо да направат без поддршка од државата. Има многу позитини и корисни примери, како словенечкиот. Тие уште СФРЈ вложуваа многу во инфраструктура, до секое село и маало донесоа асфалт, па луѓето без проблем може и да работат в град, но да си живеат на село, тие дисперзираа, а не сконцетрираа се‘ на едно место, па во главниот град Љубљана и денес бројот на жителите е сличен на тој од пред неколку децении. Зошто да не користиме и позитивни примери од други земји, како искуствата од Германија со дисперзијата на повеќе услуги на централната власт. Зошто и во Македонија, на пример, некое владино министертство да не може да има седиште во Струмица, Штип, Тетово или во Битола, зар мора сè да се одвива во Скопје – истакнува Стојановски.

—————————————————–
СЛОВЕНИЈА ИМА 6.000, БУГАРИЈА 5.200, А МАКЕДОНИЈА 1.767 НАСЕЛБИ
Проблеми со внатрешната миграција имаат и други земји од регионот. Во Бугарија има 160 села без ниту еден жител и 411 со помалку од десет, од кои во 69 има само по еден жител. Кон крајот на 2015 година во Бугарија имало 5.259 населени места – 5002 села и 257 града, од кои најмалиот е Мелник со 200 жители, а најголемото бугарско село е Лозен во софиската област со 6.250 жители.
Словенија, која многу поуспешно се справува со миграцијата село-град, има околу 6.000 населби, иако е 3,5 пати помала од Бугарија, а во Македонија, која е слична и по површина и по население со Словенија, има 1.767 населби.
—————————————————–