Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше дека функционери на СДСМ дивееле низ Штип и се однесувале насилнички во пресрет на престојните локални избори. Според нив се работи за личност што била на раководна позиција во образовна институција.
– Имено, функионерот кој е раководител на образовна институција, на ден 27.11.2020 година бил лишен од слобода и приведен,бидејќи на ул.”Кирил и Методиј” со возило се обидел да повреди полициски службеник при вршење на службено дејство, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи дали со вакви постапки локалните функционери им даваат добар пример на идните генерации.
Од партијата додаваат и дека е недозволиво партиски функционери да напаѓаат службеници и да остануваат неказнети.
Од СДСМ преку соопштение велат дека поминало времето кога челниците и претставниците на политичка партија биле недопирливи и дека секој што го прекршил законот, ќе одговара.
– Ставот на СДСМ е јасен, секој оној кој го прекршил законот и го довел во прашање јавниот ред и мир мора да одговара пред законот. Факт дека овој настан е евидентиран во билтенот на СВР Штип говори за тоа дека никој ниту се обидел да ја попречи правдата ниту ќе го стори тоа. Законите мора да важат за сите, велат од СДСМ.
Настанот е евидентиран во полицискиот билтен на 28 ноември.
– На 27.11.2020, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода М.В. (56) од Штип затоа што во 10.50 часот на ул.„Кирил и Методиј“ во Штип со возило се обидел да повреди полициски службеник при вршење службено дејство, се наведува во билтенот на МВР.