Полициски час за новогодишните празници нема да има, можно е само намалување на работното време на местата каде би се собирале повеќе луѓе – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/20 12:45 PM

Полициски час за новогодишните празници нема да има, можно е само намалување на работното време на местата каде би се собирале повеќе луѓе

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека полициски час нема да има ефект за време на новогодишните празници и апелираше да се почитуваат мерките. Најави дека ќе дискутираат за евентуална дополнителна рестрикција во однос на работното време на места каде што може да се собираат луѓе.

-Мислам дека полициски час нема да има ефект за време на новогодишните празници. Зошто? Заради тоа што веќе имаме така добро димензионирани мерки, доколку се почитуваат даваат резултати и тоа впрочем се случува. Ние гледаме намалување на факторот на преносливост, на бројот на болниците во однос на тоа што беше на почетокот и првата половина на ноември. Но, евентуална дополнителна рестрикција во однос на работното време на места каде што може да се собираат луѓе тоа е тоа за што ќе дискутираме, изјави денеска Филипче во емисијата „Магазин“ на ТВ Сител.

Прашан за лекувањето, министерот Филипче посочи дека имало претпоставка оти многу лекови помагаат за оваа болест.

-Многу лекови беше претпоставка дека помагаат за оваа болест. Прво, многу е битно да се знае дека нема еден специфичен лек којшто помага само за овој тип на коронавирус, односно за КОВИД -19 и се што значи лекување е практично комбинација на лекови коишто биле креирани за други болести, на пример за ебола тој лек итн., а коишто се даваат врз основа на клиничката слика, односно манифестацијата на болеста. Осумдесет отсто од пациентите имаат лесна клиничка слика, меѓутоа тие што имаат комплицирана имаат навистина тип на клиничка слика или комбинација на презентација од страна на повеќе органски системи каде што досега не се видело. И во таа смисла јасно е како се одредуваат, кои се постапките како еден лек се утврдува дека е за една болест, клинички студии итн, изјави Филипче.

Министерот за здравство вели дека тешко е да се каже што можеме да очекуваме во периодот којшто е пред нас. Потсети на првичните предвидувања дека ќе трае колку една респираторна епидемија, па дека ќе го снема вирусот за време на летните месеци и додаде оти тоа не се оствари.

Филипче нагласи дека задача и цел на сите здравствени системи, како и на нашиот, е да бидат подготвени да пречекаат голем број на пациенти со Ковид-19 за да може да се хоспитализираат.  – Тоа е целта, да бидеме спремни за тоа што не бевме спремни, сега го спремивме системот, се реорганизиравме целосно да обезбедиме болнички кревети, кадар со соодветна експертиза, да има доволно лекови и ние тоа го правиме, рече Филипче.

Министерот за здравство посочи дека слободни кревети има во секој момент.

– Апсолутно за секој пациент на којшто му е потребна хоспитализација има слободно место. Но, точно е дека видовме одреден број на пациенти коишто доцна доаѓаат во болница. Имавме случаи во коишто имале јасни предупредувања и индикација од матичните лекари дека е потребна хоспитализација, едноставно не доаѓаат луѓето на прием во болница. Понатаму, луѓе коишто дури доцна доаѓаат и кај матичниот лекар. Луѓе со сатурација на кислород од 20-30, а нормално треба да е над 96-97 на првиот ден, вели Филипче, додавајќи дека се уште има луѓе кои не веруваат во постоењето на вирусот.

 

МИА