Монт Еверест „порасна“ за речиси еден метар: Кина и Непал се договорија за 8.848,86 метри – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/20 12:24 PM

Монт Еверест „порасна“ за речиси еден метар: Кина и Непал се договорија за 8.848,86 метри

Колку е висок Монт Еверест? До сега зависеше од тоа кој прашуваш. Официјалната висина на највисокиот врв во светот е 8.848 метри според индиски тим кој го измерил врвот во 1954 година,  а тоа е висината која ја прифаќа и Непал. Од друга страна пак доколку се прашува Кина, неговата висина е 8.844 метри.

„АП“ денеска објави дека Кина и Непал, на чија граница се наоѓа Монт Еверест, конечно се договориле за висината, која сега е 8,848.86 метри, што е речиси еден метар повеќе од претходната официјална висина.

Препирањата околу тоа колку е висок Монт Еверест започнале уште во 2005 година, кога кинески тим измерил висина од 8.844 метри и тврделе дека тоа е најточно мерење дотогаш. Непал не се согласувале со ова мерење бидејќи сметале дека во висината треба да бида вклучен и снегот на врвот на планината, кој Кина не го вклучила.

Дебата се отвори и по силниот земјотрес во 2015 година, кога многумина сметале дека снежната капа на врвот се намалила.

По најновата експедиција, која е резултат на договор постигнат минатата година, е направено мерење со помош на сателитска навигација. Се мерела висината на снегот, временските услови и брзината на ветрот и други еколошки влијанија на климатските промени.