Рот: Бугарската блокада за проширувањето е сериозна политичка грешка и ги загрозува и западниот Балкан и Европа – ММС
ММС

Објавено на: 12/8/20 11:56 AM

Рот: Бугарската блокада за проширувањето е сериозна политичка грешка и ги загрозува и западниот Балкан и Европа

Пред почетокот на денешниот министерски состанок во Брисел, на кој требаше да се даде зелено светло за преговарачката рамка со Македонија, претседавачот Михаил Рот порача дека бугарската блокада е „сериозна политичка грешка”.

-За жал не успеавме да постигнеме напредок за прашање кое е веќе договорено, а сето тоа поради билатерални барања на една земја членка, изјави германскиот министер за европски работи, Михаил Рот, коментирајќи го бугарското вето за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.

Поради бугарската блокада за Скопје во заложништво се наоѓа и Албанија за која голем број земји членки сметаат дека не може да биде усвоена преговарачката рамка, и поради неостварени реформи, и поради фактот што Северна Македонија е понапредна.

Рот потврди дека германското претседателство прави сѐ за да ја надмине блокадата.

-Сѐ друго би било сериозна политичка грешка на сметка на стабилноста и безбедноста на западниот Балкан, што на крајот би ја загрозило и безбедноста на цела Европа, изјави Рот.

МИА